Дејтонскиот договор ја прекина војната, но не создаде услови за живот

264

25 години од спогодбата која донесе мир во БиХ

Охрабрен од мировниот договор постигнат меѓу завојуваните страни со посредство на САД пред 25 години, Јусуф Арифагиќ, босанскиот бегалец кој престојуваше во Норвешка, тогаш се врати дома за да помогне во обновата на разурнатата држава. Со себе донесе и 100 норвешки крави, пишува „Њујорк тајмс“.

Арифагиќ ги однесе кравите во родното село каде што создаде една од најголемите фарми за крави во БиХ. Фармата во Трнопоље сега има 800 крави и 41 вработен, кои претставуваат спој од муслимани, православни Срби и други христијани. Арифагиќ (59), вели дека не ја знае точната поделба на работниците според нивната националност, бидејќи „тоа не го интересира“.

Неговото одбивање да ја внесе политиката во сопствениот бизнис, сепак, го спротивстави на системот создаден во 1995 година, во кој се се врти околу националноста и лојалноста меѓу припадниците на истата заедница. Тоа и наштети на една од ретките успешни приказни во државата опишана од Советот за безбедност на Обединетите нации во мај како „хронично дисфункционална“ и заболена од „пандемијата наречена корупција“.

Притиснат од барањата за поткуп и други притисоци од националистичките политичари кои се залагаат за сопствените интереси, Арифагиќ одлучи да го продаде добитокот, да ги отпушти работниците и да ја затвори фармата.

 – Босна денеска е голема психијатриска болница и сите ние сме нејзини пациенти – вели Арифагиќ жалејќи се поради омразата која се појави пред повеќе од 25 години кога мултиетничката СФР Југославија се распадна и ги спротивстави соседите едни со други во лудило на насилство и национализам.

Јусуф Арифагиќ

Војната во БиХ во која загинаа околу 100 илјади лица, а повеќе од два милиона беа раселени, беше завршена со Дејтонскиот мировен договор потпишан во воздухопловната база „Рајт-Патерсон“ во Охајо, САД, на денешен ден во 1995 година.

Но, условите на спогодбата ги вкоренија етничките и религиозни поделби кои ја поттикнаа војната, оставајќи ја БиХ како своевиден спој од мини-држави доминирани од политички партии, кои уште добиваат поддршка преку сеење страв и ветувања за заштита на својот народ.

Кога Меѓународниот монетарен фонд и понуди на БиХ помош од 386 милиони долари во април во борбата против ковид-19, лидерите на трите доминантни политички партии, од кои секоја претставува различна етничка заедница со недели се расправаа околу поделбата на парите. Тие најпосле постигнаа договор, но кога парите стигнаа седеа со недели во централната банка, заглавени поради дополнителни несогласувања, наместо да бидат потрошени за потребната медицинска опрема.

 – Ова е вистинската последица на Дејтонскиот модел. Тој едноставно не функционира. Тој ја запре војната, но не создаде услови за живот – вели Кристофер Бенет, поранешен претставник на меѓународната заедница во БиХ и автор на книгата „Босанскиот парализиран мир“.

Наместо да создаде  држава населена со граѓани со еднакви права, Дејтонскиот договор ја подели Босна во два самоуправувани ентитети – Република Српска доминирана од Србите и Федерацијата од десет кантони контролирана од муслиманите и Хрватите, заклучува анализата на „Њујорк тајмс“.

Дејтонскиот договор беше потпишан на денешен ден во 1995 година