Децата сѐ повеќе изложени на депресија

46

Депресијата е на високо место меѓу причините за самоубиство кај децата во Хрватска, веднаш по злоупотребувањето и психолошката болка. Бројот на децата што се обиделе да извршат самоубиство лани бил четирипати поголем во однос на претходната година. Овие бројки, според полициската статистика, кај возрасната популација се во мал пад. Во 2017 година во Хрватска 1.374 лица се обиделе да си го одземат животот, а 625 успеале во намерите. Од нив, 157 се жени и 468 мажи, а меѓу нив се и едно дете помладо од 14 години, тројца адолесценти и 25 лица помлади од 25 години.
Од здружението „Животна линија“ тврдат дека на многумина од нив можело да им се помогне доколку постоела системска поддршка на лицата што се соочуваат со самоубиствени мисли.

– Секој контакт со луѓето може да е пресуден за нивната одлука. Најчесто е доволно тие да се сослушаат кога се наоѓаат во тешка криза – вели Тин Понграц, претседател на здружението, во разговор за „Нови лист“.

Здружението имало бесплатна СОС-линија за превенција од самоубиство, но таа била укината поради недостиг од финансиски средства. Проблем е тоа што телефонскиот број на Клиниката за психијатрија во Загреб не е јавно достапен. Во САД, на пример, надлежните институции ги објавуваат броевите за психолошка помош на повеќе места во градовите, а особено на мостовите.

– Самоубиствата драматично растеле во возрасната група до 14 години. Во 2016 година пет деца се обиделе да си го одземат животот, а лани дури 15 деца. Како една од причините се наведува дефицитот од детски психијатри во Хрватска, а на возрасните, освен антидепресивите, не им е достапна бесплатна психотерапија – тврдат од „Животна линија“.

Во Хрватска не е доволно развиен системот за превенција, лекување и заштита на децата од ризикот за самоубиство, предупредува правобранителката за деца Хеленца Пирнат Драгичевиќ. Психосоцијалната помош не е достапна, особено за помладата популација во помалите средини, недостигаат поликлиники за заштита на децата, како и оддели на детска и адолесцентна психијатрија. Исто така, недостигаат и детски психијатри, советувалишта и места за итна психолошка интервенција и телефонска линија што е достапна 24 часа.

– Во случај на обид за самоубиство, потребно е на детето да му се овозможат квалитетно лекување, стручна помош и редовно следење. За жал, кај нас не постои уедначено и протоколарно давање помош на детето и неговото семејство кога тоа се наоѓа во депресија – вели Принат Драгичевиќ.