Десетици повредени во експлозија во фабрика за огномети во Турција

24

Најмалку 41 лице е повредено по експлозијата во фабрика за огномети во северозападната турска провинција Сакарија, пренесува „Хуриет“.

Пожарникари и амбулантни возила беа испратени во фабриката на периферијата на градот Хендек, Сакарија. Фабриката е далеку од станбените области.

Гувернерот на Сакарија, Четин Октај Калдрм, рече дека во моментот на експлозијата во фабриката работеле околу 150 до 200 луѓе. Фабриката имала 110 тони распрскувачки материјали во својот магацин. Повредените се хоспитализирани, но нема загинати.

– Сите мерки за безбедност беа преземени околу фабриката. Бидејќи станува збор за фабрика за огномети, а експлозиите продолжуваат, во моментот не можеме да интервенираме – рече Калдрм.

Во меѓувреме, шефот на турската Црвена полумесечина, Керем Кнк, ги повика жителите на Хендек да останат дома и да ги затворат прозорците и вратите за да спречат вдишување на токсичните гасови. Кнк рече дека хемиските испарувања од експлозијата може негативно да влијаат на здравјето на луѓето.

Видео од инцидентот прикажува голем облак од чад во форма на печурки што се издига од фабриката. Експлозијата се слушнала и во други провинции како Коџели и Дузџе.

Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, министерот за здравство, Фахретин Коџа, и министерот за труд и социјална заштита, Зумрут Зехра Селчук, се на пат за Сакарија по налог на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.