Да се заштитат вредните подводни артефакти во Албанија сметаат археолозите

372

Странски археолози ги повикаа албанските власти да изградат музеј каде ќе бидат поставени стотици археолошки артефакти од римско и античко време, како и остатоците од древни бродови, кои се наоѓаат во морето, а не се истражени.

Археолозите кои учествуваат на Конференцијата за подводна археологија во Албанија, предупредија дека вредните артефакти под вода близу југозападниот брег на земјата во близина на границата со Грција, може да бидат мета на крадци или трагачи на богатство.

Претседателот на Поморската фондација со седиште во Флорида, Џејмс Гулд изјави дека предметите кои датираат од осмиот век пред нашата ера, па до Втората светска војна, би биле виситнска туристичка атракција, ако бидат правилно изложени во музеј.

Според него, Фондацијата открила најмалку 22 остатоци од уништени бродови од античко време, до Втората светска војна и стотици антички амфори. Во овие долги глинени садови се транспортирало маслиново масло и вино по трговските патишта меѓу Северна Африка и Римската Империја.

– Време е да се изгради музеј, кој ќе го посетуваат албански и странски туристи. Албанија се обидува да го заштити и да има корист од своето подводно наследство, кое беше запоставено од поранешниот комунистички режим, кој издвојувал мала финансиска поддршка за таа цел. Но, дури и денес зачувувањето на подводното наследство добива незначителни финаниски средства од Владата- изјави познатиот албански археолог Неритан Цека.

Учесниците на собирот посочија дека за жал дел од тоа културно наследство, посебно амфорите, веќе се украдени и често можат да се видат во рестораните на албанското крајбрежје.