Даут Харадинај: Промената на границите води во војна

111

Пратеникот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Даут Харадинај смета дека идејата за корекција на границите, која на последните прес-конференции ја пласира претседателот Хашим Тачи, носи нов конфликт и е опасна за Косово, но и за сите земји од регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Со толку мандат колку што имам јас, и како пратеник и како личност, апсолутно сум против секаква промена на границите. Не ги поддржувам затоа што тоа се славјанско-руски идеи – изјави Харадинај за „Газета Експрес“.

Обидот за размена на територии, според пратеникот на владејачката ААК и брат на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, би отворил нов конфликт меѓу двете држави, Косово и Србија.

– Идејата за промена на границите е идеја за нов конфликт и, без оглед на тоа која ја изнесува, таа тенденција ќе нè води во нови ситуации кои не се добри ниту за Косово ниту за Србија – изјави Харадинај.

Според него, доколку се почне со обиди за размена на територии, ќе се отвори Пандорината кутија и ќе страда целиот регион.

– Ќе се зборува за Македонија, за Црна Гора, за Албанците секаде каде што се – изјави Даут Харадинај, нагласувајќи дека таквите идеи, било да се изнесени од Тачи или од кој било друг, се мошне опасни.

На идеите за „корекции на границата со Србија“, покрај опозицијата, се спротивставува и другата владејачка партија, Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај, а единствено Демократската партија на Косово (ПДК), која Тачи ја водеше до изборот за претседател, се нема огласено, ниту со прифаќање, ниту со отфрлање на идеите на својот поранешен партиски лидер.

Тачи, кој претходно изјави дека „го почитува територијалниот интегритет на Србија“, сега вели дека корекцијата на границите треба да се направи со цел Прешевската долина да се припои кон Косово. Меѓутоа, косовскиот претседател избегнува да одговори на новинарските прашања дали тоа значи дека северно Косово во тој случај ќе се соедини со Србија.