Грчката економија закрепнува

62

Грчката економија постепено закрепнува, главно како резултат на динамиката на извозот и на зајакнувањето на приватната потрошувачка, стои во месечна анализа на грчката Унија на фирми и индустријалци.

Во однос на порастот од 2,2 проценти на бруто-домашниот производ во третиот квартал од годината, во анализата се вели дека развојот на економијата се должи главно на порастот на извозот на стоки (за 7,9 проценти) и на услуги (за осум проценти), како и на понатамошно зајакнување на приватната потрошувачка (за 0,7 проценти).

Унијата на фирмите и индустријалците нагласува дека економијата сѐ уште не дава знаци дека влегува во период на силен пораст, што се одразува на воздржани среднорочни прогнози од страна на меѓународни организации (ЕК, ОЕЦД, ММФ) за пораст од околу два процента во наредните години.

– Растечката неизвесност во преостанатиот свет може да има последици за анемичната обнова на грчката економија. Оваа реалност бара земјата да влезе во посилен и динамичен пораст, со понатамошно подобрување на бизнис-климата, но и со инвестиции што создаваат вработување и стабилни приходи – се истакнува во анализата.