Грција повеќе не е црната овца на ЕУ

828

Последната деценија за Грција беше турбулентна. По глобалната финансиска криза во 2008 година, Грција загуби четвртина од бруто домашниот производ и со тоа стана црната овца на Европа и речиси го забрза самоуништувањето на еврозоната, пренесува „Форин аферс“.

Од 2015 година, Грција го почна бавното закрепнување. Под водство на премиерот Алексис Ципрас, економијата постигна позитивен пораст, популистичките движења го загубија нивниот интензитет, а односите со сојузниците и соседите почнаа да се подобруваат. Сепак, ваквите успеси на сега веќе поранешниот премиер, Алексис Ципрас, не му донесоа победа на изборите. 

Победата на Кирјакос Мицотакис им даде на многу Грци причина за оптимизам. Останува многу да се направи за да се подобри економијата и да се вратат инвесторите во земјата, но новата влада на Грција е подготвена да заврти нова страница, исто како што се и граѓаните, за да го остават зад себе периодот што сакаат да го заборават.

Подобрување

Кризата во Грција го достигна врвот во 2015 година, кога владата остана без пари за пензиите, додека 50 отсто од младината беше без работа. Одлуката за намалувањето на трошоците и трошењето на владата се исплатеше, а Грција почна да го намалува својот долг. Се очекува грчката економија да оствари раст од два отсто годинава, додека невработеноста во 2015 година беше сведена на 25 отсто, а годинава е намалена на 18 отсто.

Инвеститорите ја враќаат полека довербата во Грција. Нови работни места се отвораат благодарение на градилиштата, енергетските и инфраструктурните проекти, како и изградбата на гасоводот од Централна Азија до Западна Европа.

Владата на Мицотакис ја наследи поволната економска клима од Ципрас, и веќе откри амбициозна програма за дигитализација, привлекување странски инвеститори, како и да спроведување реформи во образованието и во работните односи.

Задачата на Мицотакис

Главниот приоритет на Мицотакис е да ја олабави тешката бирократија на земјата и да ја зајакне економијата. Стапките на оданочување беа доволни да ги држат инвеститорите надвор од земјата. Затоа, тој треба да стори се што може со цел да ги привлече инвеститорите во земјата, да се бори против корупцијата, а истовремено да ја подобри јавната инфраструктура, како и да ги реформира правните и образовните системи.

Во надворешната политика, Мицотакис треба да го зацврсти и Преспанскиот договор, со цел понатамошно да ја подобри положбата на Грција на глобално ниво. Бизнисмените од северна Грција се нетрпеливи за подобар пласман на производите на Балканот, а Атина ја има можноста да биде пример и фактор кој носи стабилност во регионот. Грција исто така може да стане и пример за решавање на проблемите на светско ниво, доколку биде вклучена во Законот за безбедност и енергетско партнерство во Источен Медитеран, предложен од Сенатот на САД, во кој ќе бидат вклучени Грција, Кипар и Израел. 

Вртење на нова страница

Европа исто така треба од нејзина страна да учествува во закрепнувањето на Грција и да ѝ помогне. Брисел и Берлин треба да го следат примерот на Вашингтон и да увидат дека Атина веќе не е проблематично дете или црната овца на Европа. Интересно е што администрацијата на Доналд Трамп поефикасно се ангажира со Грција, отколку членките на Европската Унија.

Сите овие прашања треба да бидат цел на разговор на наредните средби помеѓу грчките и европските лидери. Промената на раководството, и во Грција и на европско ниво, дава можност за нов почеток. Урсула фон дер Лејен, замената на Жан-Клод Јункер како претседател на Европската комисија, треба да се обиде и да изгради позитивни врски со Мицотакис. Изборот на Мицотакис треба да биде гледан како оптимистички, не само за Грција, туку и за Европската Унија како целост, и време е да биде препознаен нејзиниот напредок, а тоа да биде причина за формирање нови партнерства и зацврстени односи.