Грција избива на челно место во американските геополитички планови?

280

Значителните промени во владејачката структура во Грција во изминатите неколку децении не влијеја врз проамериканската ориентација на политиката на јужниот сосед, објавуваат грчките медиуми.

На повидок е ново грчко-американско партнерство за одбрана и изградба на нови воени бази. Во овој контекст, стратешкиот дијалог меѓу двете земји е во тек и првата рунда на состаноци се одржа во декември минатата година во Вашингтон, а втората рунда, најверојатно во Атина, ќе биде предводена од американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Овој дијалог се совпаѓа со преговарачкиот процес за ажуриран заеднички договор за одбранбена соработка. Сегашната спогодба беше потпишана во 1990 година и исто така го продолжи функционирањето на американските бази во Грција.

Преговорите за новиот договор се фокусирани на условите што ќе овозможат и дополнително ќе го засилат американското присуство во базите во Соуда кои станаа центар на американското аеронаутичко присуство во поширокиот регион, како и консолидирање и проширување на користењето на Лариса како воздушна база. Згора, спогодбата треба да овозможи и користење на градот Дедеагач од страна на американската морнарица, поради неговата стратешка локација.

Климата за меѓусебна соработка е позитивна на двете страни, но уште е нејасно дали новиот договор би можел да биде склучен во краток рок, бидејќи потребна е ратификација од грчкиот парламент. Продолжувањето на сегашната спогодба треба да овозможи дополнително време за преговори.

Атина е заинтересирана за продолжувае на американско-грчкиот одбранбен договор за една година, при посетата на Мајк Помпео во Атина во октомври или во ноември, според сознанијата кои произлегоа од состанокот во Атина помеѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателката на комитетот за финансии на Претставничкиот дом на САД Нита Лови. Разгледувана била и можноста за средба помеѓу Мицотакис и американскиот претседател Доналд Трамп, наредниот месец.