Грција бара санкции за Турција: „Ердоган направи историска грешка“

453

Атина ќе изврши притисок врз меѓународните организации и ЕУ да воведат санкции кон Турција, поради промената на статусот на музејот „Аја Софија“ во Истанбул и неговото претворање во џамија, изјави портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас.

– Грција ги осудува овие чекори и ќе стори сé што е можно за Турција да ги сноси последиците. Секој што го крши меѓународното право треба да разбере дека постојат болни санкции за такво кршење – рече Пецас.

Тој истакна за „Скај ТВ“ дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „направил историска грешка“ и додаде дека треба да се очекува развој на настаните во наредните денови.

Вчера, Ердоган потпиша указ за претворање на Аја Софија во џамија. Оваа уредба ја отповика одлуката на турските власти од 1934 година овој храм да се претвори во музеј.