Грција бара меѓународна помош за пожарите

187

Грција доставила барање за меѓународна помош во гаснењето на пожарите, соопштија од грчката противпожарна служба.

– Поради големиот обем и интензитет на пожарите и опасноста, нашата земја поднесе барање, преку Европскиот механизам за цивилна заштита, за меѓународна помош по воздух и земја, рече Ставрула Малири портпаролка на грчката противпожарна служба.

Потпретседателот на грчката итна помош Милитиадис Милонас, во изјава за грчката државна телевизија ЕРТ, рече дека едно лице го загубило животот во пожарите во источниот дел на областа Атика, додека пак 25 лица се повредени и пренесени во болница, од кои 6 се во сериозна состојба.

Според грчките медиуми, 10 лица, најверојатно туристи од Данска, се исчезнати откако за да избегаат од пожарот се качиле во чамец и се упатиле во непознат правец, а во тек е акција на грчката крајбрежна служба за нивно пронаоѓање и спасување.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчките медиуми, воени бродови и фрегата, со одлука на началникот на Генералштабот на грчката армија, ќе се упатат кон плажите во близина на жариштето во источниот дел на областа Атика, за да спасат граѓани кои се заглавени и не можат да си заминат поради затворените улици и интензитетот на пожарот. Дел од граѓаните, според истите информации, се упатиле кон плажите за да избегаат од огнената стихија, а единствен начин да се евакуираат е по воден пат.