Грците не се откажуваат од пазарењето за време на карантин

781

Грција

Околу два милиони потрошувачи во Грција планираат да купат нешто за „црн петок“, две третини од нив ќе го сторат тоа преку интернет, додека, пак, прометот се очекува да достигне до 280 милиони евра, покажуваат податоците од истражувањето на грчкиот институт за стоки за широка потрошувачка. Седум од десет Грци, односно 73 отсто, не планираа на денот на големите попусти да купат нешто, додека, пак, преостанатите 27 проценти, просечно ќе потрошат 140 евра, пренесе МИА.
– Околу 2,3 милиони потрошувачи проценуваат дека ќе пазаруваат овој период, што во последните години обично трае неколку дена. Во однос на просечните трошоци, процените се дека овие два милиони потрошувачи ќе потрошат 140 евра во просек – соопштуваат од институтот.

Од анкетираните, 32 отсто рекле дека ќе потрошат до 50 евра, 27 проценти од 51 до 100 евра, а девет отсто планираат да потрошат над 500 евра, што, според институтот, „значи дека важните потреби на домаќинствата ги одложуваат додека не начекаат значајни попусти“. Истражувањето за потрошувачките навики со анкетирани 850 лица, било спроведено на 2 и 3 ноември, односно пред почетокот на карантинот и во периодот кога сѐ уште беа отворени продавниците. Грците имаат можност да купуваат само преку интернет.