Грците жестоко демонстрираат против бегалски центри на нивните острови

71

Демонстрациите против плановите на владата во Атина за изградба на нови центри за бегалци на островите Лезбос и Хиос продолжија денеска четврти ден по ред.

Протестите се кулминација на инаку напнатата ситуација и повременото насилство на овие острови, што се главна дестинација за десетици илјади бегалци кои се надеваат на подобар живот во ЕУ, пренесува агенцијата „Танјуг“.

На Лезбос денеска продолжи вчера најавениот 24-часовен генерален штрајк.

Градоначалниците на Лезбос, Хиос и на соседниот остров Самос треба да се сретнат со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Атина.

Вчера, демонстрациите ескалираа со напад на стотици граѓани врз полицијата, која чува градежни парцели за идните центри за бегалци на Хиос и Лезбос, а незадоволните островјани неколку часа окупираа воена касарна на Лезбос, во која беа сместени единиците за разбивање демонстрации.

Според официјалните информации, 43 полицајци се повредени во немирите на Лезбос и девет на Хиос кога толпа влетала на локација во која се наоѓале интервентните тимови и гневните луѓе ги претепале полицајците што одморале во своите соби.

Според најавата на владата во Атина од почетокот на неделава, се очекуваше повеќе полицајци да бидат повлечени од островите, меѓутоа актуелната ситуација укажува на тоа дека властите немаат намера да отстапат од плановите за поефикасно згрижување и процесирање на бегалците.

Владата инсистира на тоа дека сака да изгради центри за прием за поефикасно да раководи со процесите за давање азил или депортација, а тврди дека тие би придонеле и за подобра контрола на границите.