Граѓаните ги напуштаат домовите поради земјотресот

792

Хрватска

Во земјотресот што го погоди Загреб се повредени 27 лица, од нив 18 се потешко, а 14-годишното девојче е во критична здравствена состојба. Од неделата, кога се случи најсилниот земјотрес, со јачина од 5,5 степени според Рихтер, во околината на главниот град на Хрватска се почувствувале 37 помали потреси. До вчера биле евидентирани 250 објекти што претрпеле значителна материјална штета.
Поради стравот од нови потреси на тлото, граѓаните масовно го напуштиле градот, што претставува проблем за властите да го контролираат движењето на луѓето во време на заразата со коронавирус. Поради тоа Цивилната заштита на Хрватска воведе дополнителни мерки, со кои им се забранува на граѓаните да го напуштаат местото на живеење.
– Оваа одлука ќе се однесува за мал број граѓани и тие ќе добиваат посебни дозволи – изјави Давор Божиновиќ, кој го повтори апелот до граѓаните да останат во своите домови и да се придржуваат на препораките за спречување на ширењето на вирусот.
До вчера во Хрватска се регистрирани вкупно 306 лица заразени од коронавирус.