Грабар-Китаровиќ: БиХ е нестабилна земја под контрола на милитантниот ислам

124

Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, изјави дека Босна и Херцеговина е нестабилна земја под контрола на милитантниот ислам, јави хрватскиот портал „Индекс“.

За време на тридневната посета на Израел, Грабар-Китаровиќ, изјави дека Хрватска трпи поради мигрантскиот проблем кој, како што оценува, не е сличен со проблемот во поголемиот дел од Европа.

Таа вели дека разликува мигранти од бегалци, дополнувајќи дека Хрватска е подготвена да пружи азил на бегалците, но мигрантите кои бараат подобар начин на живот мора да ги почитуваат меѓународните граници. Мигрантите не сакаат да останат во Хрватска, вели Китаровиќ, туку се обидуваат да стасаат до Германија.

Иако речиси сите тврдат дека се сириски бегалци, тие всушност се африкански или пакистански мигранти, кои се обидуваат да се пробијат преку границата во БиХ, за која Грабар-Китаровиќ вели дека е многу нестабилна земја и во одредена смисла ја презеле луѓе поврзани со Иран и со терористички организации.

– Таа земја денес е под контрола на милитантниот ислам, кој е доминантен во одредувањето ставови – истакна Грабар-Китаровиќ, додавајќи дека некои се многу насилни луѓе кои провалуваат во туѓи домови.