Гојковиќ: Ќе ги докажеме последиците од бомбардирањето на НАТО

841

Претседателката на српското Собрание Маја Гојковиќ денеска изјави дека очекува до крајот на неделата да заврши собраниската расправата и пратениците да ја усвојат одлуката за формирање на Комисија за истрага на последиците од нападите на НАТО на Србија во 1999 година врз здравјето на луѓето и животната средина, со посебен осврт на користењето на осиромашен ураниум.

– Очекувам до крајот на неделата да ја изгласаме одлуката за формирање на Комисијата, која ќе ја предложи Дарко Лекиќ. Тоа е планот и се надевам дека ќе го реализираме, изјави Гојковиќ за РТС, додавајќи дека е убедена оти со една суштинска и посветена работа ќе се докажат последиците од бомбардирањето со осиромашен ураниум и нивното влијание врз зголемувањето на малигните заболувања во Србија.

– Ние имаме обврска кон граѓаните, по една исцрпна работа, да ги информираме за вистината, бидејќи тоа е злосторство без преседан, изјави Гојковиќ.

Таа додаде дека во тоа ќе помогне извештајот на италијанскиот Парламент, кој посочува дека италијанските војници заболувале и заболуваат од последиците од престојот во подрачја на кои се користени проектили со осиромашен ураниум.

– Според тие податоци, тоа се околу 4.000 заболени војници од малигни болести, а 300 починале поради тоа што престојувале на тие подрачја, притоа немајќи никаква заштита, изјави Гојковиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера најави дека Србија сериозно ќе ги истражи последиците од бомбардирањата на НАТО со осиромашен ураниум, оценувајќи дека тоа било „злосторство без преседан“.

– Не знам дали ќе успееме тоа да го докажеме, бидејќи доста од тоа заврши во Ибар, Дунав или Црното Море. Сите лекари мислат дека тоа остави сериозни последици. Тоа е злосторство без преседан, изјави Вучиќ при обиколка на Институтот за онкологија и радиологија во Белград.