Германците во потрага на мирен пензионерски живот во Бугарија

809

Според некои новинарски истражувања, во Бугарија има околу 45.000 Германци, кои својот пензионерски живот го поминуваат претежно во местата
на црноморското крајбрежје

Сѐ повеќе германски пензионери решаваат да се преселат во Бугарија, надевајќи се дека овде ќе живеат подобро отколку во Германија. Според некои новинарски истражувања, во Бугарија има населено околу 45.000 Германци. Истиот план го има и германската пензионерка Евелин Фролих од Лајпциг, чие искуство од промената на местото на живеење беше прикажано во седумминутна репортажа на германската јавна телевизија МДР.

Телевизиска екипа ја придружуваше 63-годишната жена неколку недели, но, како што забележува, секој почеток во нова средина е тежок.
– Веќе добивам пензија и сакам да преземам нешто возбудливо. Затоа одам да живеам во друга држава. Не знам што ме очекува таму – вели Евелин неколку дена пред да замине за Бугарија.

Во Лајпциг нема ништо. Нејзините пријатели ги брои на прсти. Со нејзината пензија од 935 евра, поранешниот сметководител едвај ги поврзува двата краја, пренесува „Дојче веле“.

– Не сакам да го поминам остатокот од мојот живот пред телевизорот – вели таа.
Неколку дена подоцна Евелин пристигнува во Сончев Брег. Таа е една од стотиците германски пензионери што се преселија да живеат во Бугарија. Ова е нејзиното прво патување во источноевропска земја.

– Морето, сонцето, тоа е сосема друго чувство. Сѐ што ми беше тежина досега, како веќе да го нема – раскажува таа.
Првичната еуфорија, сепак, брзо испарува. За неколку дена, 63-годишната жена од Германија открила дека изнајмила куќа без греење. Нема клима-уред. Постои мувла на ѕидовите од изнајмената куќа. Таа го изнајмила домот на Интернет и не го видела пред да се пресели. Користи површина од 70 квадратни метри, со опрема, а плаќа 300 евра месечно. Само 100 евра помалку отколку што плаќа во Лајпциг. Сите нејзини потези во Бугарија се организирани од брокерска фирма преку која е потпишан и договорот за закуп, за една година.

– Овде е толку ладно и влажно што едвај го поднесувам воздухот во просторијата. Станот има поглед на морето, но зградата е опкружена со градилишта. Ќе се обидам да го прекинам договорот – рече таа со горчина.

Блиски соседи ѝ се двајца Германци – Клаудија и Кристоф Хас. Тие се од планинскиот регион Шварцвалд и не ја кријат својата горчина. Тие дојдоа овде преку истиот сомнителен посредник. И во нивниот дом нема греење.

– Посредникот многу добро знаел што нуди, но за условите даваше други информации. Сега се прави невин и тврди дека сакал само да ни помогне – велат тие.
Клаудија и Кристоф се сериозно болни. Таа има рак, а тој страда од цревни заболувања.

– Сакавме да изнајмиме дом во Сончев Брег, бидејќи посредникот нѐ убедуваше дека овде има германски лекари – објаснува Клаудија.
Жената, сепак, не беше информирана дека лекарите се тука само за време на летната сезона. Во Сончев Брег налето сè живее во брз ритам. Западните производи чинат исто како во Германија, но има и готови јадење. Овде Евелин може да купи ручек за помалку од едно евро. Сепак, за шише минерална вода, таа плаќа повеќе отколку во Германија.

Тимот на МДР придружува германски пензионер до соседниот Бургас, да го посети својот стар познаник Германец, кој живее во Бугарија една година. Неговото име е Питер Комен. Тој ја познава Бугарија од 1980-тите. Во тоа време работел за туристичка канцеларија во Источна Германија. Неговиот дом е мал, но уреден, со површина од 30 квадратни метри, со поглед кон морето. Во Германија Петар бил во послаба социјална положба. Меѓутоа, во Бугарија, пензијата од 700 евра е доволна за него.

– Киријата преку лето, заедно со трошоците за струја, вода, такса за телефон и за телевизија, е околу 220 евра. Во зима плаќам 250 евра, заедно со греењето – вели Германецот.

За сè друго тој има на располагање 450 евра месечно. Тој е навикнат на животот и менталитетот на луѓето во Бугарија.

– Не треба да се споредува Бугарија со Германија. На пример, со состојбите во здравството. Да, болничките соби тука не изгледаат како во Германија. Но кога ќе се разболам, најважно е да оздравам и да добијам соодветна нега. А не дали била убава просторијата во која сум бил – вели Питер.

На крајот од извештајот, новинарите на МДР велат дека просечната плата во Бугарија е 320 евра и поради тоа изнајмувањето станови е привлечно за Германците.


Бугарија не ги заштитила птиците на Рила

Бугарија не успеа да ги исполни своите обврски од Директивата 2009/147 за зачувување на дивите птици, поради што судот на Европската Унија донесе пресуда против земјата и нареди да ги плати судските трошоци.

Бугарија била казнета затоа што не го прогласи целиот орнитолошки локалитет што ја покрива планината Рила како посебно заштитено подрачје и не ги класифицира најсоодветните територии во број и големина за заштита на ретки видови птици.
„Рила е важен регион на живеење на птици и една од најзначајните територии во Европската Унија за заштита на околу 130 вида вгнездени птици. Од европско еколошки значење се 41 вид, а еден од нив е загрозен на глобално ниво“, се вели во одлуката на судот.

Во 2016 година, Европската комисија поднесе барање за осудата на Бугарија, бидејќи во специјалната заштитена зона Рила останале незаштитени територии, кои по број и површина се најпогодни за конкретни видови птици.