Германец платил двојно поскапо кафе од сопругата Хрватка

216

Во некои ресторани во Хрватска цените за угостителските услуги зависат од јазикот на кој се прави нарачката. Оваа честа практика на хрватските угостители, да применуваат посебни повисоки цени за странските гости, а пониски за домашните посетители, не е во согласност со законите и правилата на ЕУ, пишува „Дојче веле“ и наведува еден случај од Корчула каде што летувала германско-хрватска брачна двојка.

Членовите на ова семејство седеле на две различни маси, а испиеното кафе им било наплатено по различен ценовник. Мажот, кој говорел германски, платил двапати поскапо од сопругата.

Различен третман имаат странските и домашните гости и кога станува збор за количеството храна за едно исто мени. Кога келнерите помислиле дека гостите, маж и жена, не се домашни туристи туку странци им било донесено многу помалку храна во чинијата. По нивната реакција, келнерите се извиниле и ги замениле чиниите во кои имало многу повеќе храна.

Германските медиуми известуваат и за раширената појава за примена на различни цени во кафулињата и рестораните, иако од Министерството за економија на Хрватска истакнуваат дека не треба да се применуваат дискриминаторски цени во зависност од државјанството и од местото на ноќевање и престојување.