Вучиќ ќе „преместува“ планина кај Грделичка клисура

489

Пренесувањето на 300.000 кубни метри земја не го решава проблемот со свлечиштето кај Предејане, велат стручњаците во Србија

Најновата идеја на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, проблемот со свлечиштето и уривањето на потпорниот ѕид на Коридорот 10 во Грделичка клисура да се реши со „преместувањето“ на ридот предизвика чудење кај стручната јавност. Дневникот весник „Данас“ пренесува дел од комуникацијата со надлежните лица, во која по сѐ изгледа Вучиќ навистина се заложил за оваа идеја, а за чија реализација било предложено да се користат и топови за да се разбие земјиштето. Директорот на „Коридор Србија“, Зоран Бабиќ, по свлекувањето на ридот, кој го однесе потпорниот бетонски ѕид, изјави дека санирањето на теренот ќе чини околу седум милиони евра.

Градежниот инженер Зоран Бабиќ од Ниш во изјава за „Данас“ рече дека единствена нелогична идеја од преместување на ридот е тоа да се прави со истрели од топови.
– Површната пресметка покажува дека треба да се отстранат 25 милиони кубни метри растресита земја. Тоа е огромна работа. Со сета неопходна механизација тоа може да се заврши за помалку од една година. Друго прашање е каде ќе се носи таа земја. Отстранувањето на ридот би чинело десетина милиони евра. Нејасно е дали само ќе се прави со снижување на врвот, што не го решава проблемот со лизгањето на земјиштето. Овде целиот рид се лизга. Сепак, главното прашање е кој му ја дал оваа идеја на претседателот – вели Дашиќ.

Оваа делница од коридорот е долга 26 километри и проектот за неа е менуван 11 пати, без согласност на ЦИП. Дашиќ појаснува дека не треба да се обвинуваат инженерите за уривањето на потпорниот ѕид, затоа што тие го прават тоа што се бара од Министерството за сообраќај и од претпријатието „Коридор Србија“.
Поранешниот министер за градежништво Велимир Илиќ вели дека единствено поевтино и брзо решение е да се изгради тунел.

– Истите проблеми беа и на ридот Велики Клик, каде што имаше свлечиште и подземни води. Таму се изгради тунел, а истото тоа може да се направи и кај Грделица. Ова со преселувањето на цел рид е незамисливо во 21 век, со сите технолошки решенија и расположлива механизација. Ние имаме добри инженери, но проблем е што работите ги добиваат некои приватни, а во последно време и партиски фирми со два-тројца вработени, додека големите проектантски куќи се девалвираат. Некои од луѓето што го водеа „Коридор Србија“ имаа диплома од непостојни факултети. Несериозно е претседателот на државата да предлага проекти за решавање на проблемот. Во кој проект го пишува тоа, кога го предлага два дена по појавата на свлечиштето – вели Илиќ.

Одговарајќи на новинарските прашања за разместувањето на ридот кај Предејане, ресорната министерка Зорана Михајловиќ изјави дека изградбата на автопатот ќе биде завршен до крајот на 2018 година.

– Најважно е Коридорот 10 да се заврши безбедно и квалитетно. Верувам, тоа ќе биде направено годинава – изјави Михајловиќ.
„Политика“ ја пренесе изјавата на српскиот претседател што се однесува на предлозите на градежниците за решавањето на проблемот со свлечиштето.
– Ридот зад нас мора да се урне, тоа се 300.000 кубни метри земја. Потпорниот ѕид се закачи за гребенот и минерите имаат проблем. Еден од инженерите имаше идеја со топови да се урива ридот, но нема да примениме такви радикални мерки – изјави Вучиќ по посетата на свлечиштето кај Предејане.

Изградбата на делницата на автопатот низ Грделичка клисура е многу тешка, а за споредба 30 километри пат низ овој терен би чинело исто како 200-250 километри низ Војводина.