Вучиќ: Турција е важен фактор на Балканот 

521

Нема никаков сомнеж оти Турција е незаобиколив и важен фактор за сите прашања на Балканот, изјави денеска во Анкара српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Оној кој мисли дека некој сака или може да избегне земја од 80 милиони жители, нација во подем, со значителна економска моќ и стопански раст од 7,4 отсто минатата година, тогаш тој не ги разбира регионалните и глобалните движења, истакна Вучиќ.

Во пресрет на денешната негова средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Вучиќ нагласи дека очекува во разговорите да биде постигнат одреден степен на разбирање во согласност со пријателските билатерални односи.

Тој истакна дека Србија очекува разбирање од Турција, исто како што таа има почит и разбирање за турските интереси на Балканот. 

– Трeба да знаеме да наједеме минимум заеднички интерес и да ги зачуваме мирот и стабилноста на Балканот, додаде Вучиќ. 

Српскиот претседател нагласи дека не верува во промена на ставот на Турција во поглед на независноста на Косово.

– Турција е голема сила, ја призна независноста на Косово и невозможно е да се дојде до промена на тој став. изјави Вучиќ.

Тој посочи дека позицијата на Србија во врска со Косово е многу лоша и дека наредниот период од шест месеци до година, кога треба да се потпише правно обврзувачки договор, не е доволен оваа позиција да се порави.

Вучиќ изјави и дека не сака да говори јавно за тоа што е за него прифатливо како решение за Косово и дека не е подготвен да го даде Косово без ништо да не добие.

– Кога станува збор за решението за Косово, јас знам дека какво и да биде решението, тоа ќе значи и крај за мене во политиката, изјави Вучиќ, објаснувајќи дека кога вели „крај“ мисли на фактот што Србите се такви, што никогаш нема да му простат за нивната подобра иднина и мирот. – Ние мораме да сфатиме дека нема да бидеме среќни ниту со едно решение, констатираше Вучиќ.

Тој од Анкара го изнесе и својот став околу најавата на српската премиерка Ана Брнабиќ за реконструкција на Владата. Според него, реконструкцијата не е тема во овој момент, бидејќи е побитно решавањето на косовското прашање.

– Јас не мислам дека се очекува реконструкција на Владата. Како претседартел на партијата за два до пет месеци ќе ги чујам прво сите предлози на премиерката Брнабиќ, а потоа ќе имам разговори во партијата, изјави српскиот претседател.