Вучиќ: Следат големи притисоци поради Косово, ни треба силна влада

94

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува големи притисоци по прашањето за решавање на косовскиот проблем и дека е важно Србија по изборите да добие силна влада, пренесува „Вечерње новости“.

Тој посочи дека притоа сигурно нема да ѝ биде лесно на државата, но нагласи дека ќе мора и Србија да се прашува во процесот.

– Сите имаат свои решенија, а нас уште никој ништо не не прашал, како да не станува збор за наша земја и за нешто за што сме заинтересирани и ние и Албанците. Богами, ќе мора да не прашате и нас што сме оттука и што живееме тука – истакна тој.

Вучиќ рече дека не може и да се постапува неодговорно и да се вели „многу сме силни и сите ќе ги згазиме“.

– Ние ли ќе згазиме и ќе победиме кога нешто ќе ви речат заедно Германија, Русија, САД. Дајте луѓе, запрете. Мора да се обидеме низ иглени уши да протнеме дел од нашите барања и да видиме што можеме да добиеме и да се бориме да ги зачуваме мирот и иднината – рече тој.

Вучиќ додаде дека Србите на Косово го разбираат тоа и не велат дека луѓето на власт се предавници, туку дека тоа го кажуваат од кафеаните зашто тоа е многу полесно, а одговорност нема.

– Прашањето е премногу сериозно и тешко, и во следните шест месеци и во наредните години ќе биде клучно политичко прашање – посочи тој.

Вучиќ повтори дека Белград е секогаш подотвен за разговори, но дека Косово мора прво да ги укине таксите. Според него, Белград може да ја прекине кампањата за повлекување на признавањето на Косово, но само ако Приштина ја прекине кампањата за влез во меѓународните организации.

– Тоа им го нудев изминатите години за да немаме зла крв, за да ги заштитам луѓето и таа зла крв да не се одмазди никаде. Секогаш се трудев да добиеме што повеќе на мирен начин, но унилатерално не можеме ништо – додаде тој.

Вучиќ потсети дека најмоќните земји од ЕУ ја признале косовската независност и дека ни Франција, ни Германија, ни Италија како ни САД нема да го сменат ставот по тоа прашање, така што нема смисла да ги лаже граѓаните дека такво нешто ќе се случи.