Во Брисел продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти го продолжија дијалогот помеѓу Белград и Приштина по речиси едногодишна пауза, на денешната средба во Брисел на која присуствуваа и претставниците на ЕУ, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак.

– Договорено е до крајот на јули да продолжи дијалогот на највисоко ниво. Албанската делегација не сака да ги исполни договорите кои Албанците ги потпишаа. Бараа веднаш и итно да слушнат кога ќе го признаеме Косово. Албанците не сакаат да разговараме за Заедницата на српски општини, туку бараат кога ќе ја признаеме косовската независност – кажа Вучиќ по средбата, додавајќи дека двете страни разговарале и за исчезнатите лица во текот на конфликтот.

Од друга страна, Курти изјави дека приштинската страна била конструктивна за време на разговорите во Брисел, давајќи четири предлози.

– Другата страна зборуваше за стари идеи. Ние дадовме четири идеи. Да се иницира спогодбата СЕФТА (договор за слободна трговија на Југоисточна Европа – н.з.), да биде потпишана мировна спогодба дека нема да се напаѓаме едни со други и од српската делегација да се отстрани Вељко Одаловиќ – порача Курти.

Четвртиот предлог на косовската страна се однесува на прашањето на малцинствата односно на билатералниот реципроцитет според кој Србите на Косово би имале национален совет, како што е случајот со Албанците во централна Србија.

Курти нагласи и дека три предлози се одбиени, додека немало договор по прашањето на СЕФТА. Тој порача и оти се надева дека српската страна сериозно ќе го разгледа тој предлог.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, истакна дека за Унијата е најважно оти двајцата лидери ја потврдиле посветеноста кон дијалогот.