Во Љубљана изградена првата џамија

148

Во Љубљана е отворен првиот исламски културен центар со џамија во Словенија, а објектот е на површина од 13.000 квадратни метри. Покрај молитвениот простор, исламскиот центар содржи и обреден мијалник и образовни, административни и станбени простории, пренесува „Танјуг“.
Според муфтијата Неџад Грабус, отворањето на центарот претставува пресвртница за муслиманите во Словенија.

– Словенија е последната земја од поранешна Југославија што доби џамија, тоа ја прави европска престолнина, а не провинција на маргините на светот – изјави Грабус, на прес-конференцијата во Љубљана.
Објектот може да прими 1.400 верници. Во сутеренот има паркинг, вежбалница, ресторан и сала за предавања. На приземјето има џамија со минаре високо 40 метри, бања за ритуално миење пред молитва и образовна, административна и станбена зграда.

Целиот проект чинел приближно 34 милиони евра, од нив 28 милиони ги обезбеди Катар, но до крајот на работите цената дополнително се зголемила, пренесува „Танјуг“.
Како што пишуваше АФП, против изградбата на џамијата биле десничарските групи, на кои им пречеше тоа што изградбата на објектот ја финансираше Катар.
Се проценува дека во Словенија има околу 80.000 муслимани, односно 2,5 отсто од вкупната популација, што претставува втора најголема верска заедница во земјата.