Во Турција 11 лица осудени на доживотен затвор поради обидот за преврат

121

Судот во Истанбул денеска изрече доживотни затворски казни за 11 поранешни припадници на жандармеријата во Истанбул, кои се товарат за учество во обидот за воен удар пред три години, за чија организација официјална Анкара го сомничи имамот Фетулах Ѓулен.

Кривичниот суд во Истанбул изрече пресуди за 39 обвинети поранешни припадници на турската жандармерија, кои се товарат за учество во обид за пуч и членство во организацијата на Ѓулен.

За единаесет првообвинети Судот изрече доживотни затворски казни, обвинувајќи ги за членство во „терористичка организација“ и „обид за уривање на уставниот поредок во Турција“.

Анкара тврди дека организацијата на приврзаниците на Ѓулен е одговорна за обидот за преврат во ноќта на 15 јули 2016 година. Фетулах Ѓулен се наоѓа во самонаметнат егзил во САД, а Турција постојано бара негова екстрадиција.