Во Македонија не е можно црногорско верско сценарио

233

Разговор со Бранко Ѓорѓевски, новинар и верски аналитичар

Во Црна Гора постои потреба да се има нов закон за слобода на вероисповедта, бидејќи во оваа држава сѐ уште е во сила стариот закон, кој е несоодветен за современиот период. Демократскиот амбиент бара максимално либерализирање на правото на слобода на вероисповед, правото на верско организирање, практикување на верските обреди, правото на градба на верски храмови, вели Бранко Ѓорѓевски, новинар и верски аналитичар, со кого разговаравме за причините за верскиот судир во Црна Гора и можните рефлексии во односите меѓу Српската и Македонската православна црква.
– Поранешните социјалистички држави, какви што се Србија, Бугарија и Македонија, во чии устави се вградени одредби за своевидна „заштита“ на нивните православни цркви, кои имаат фаворизиран статус, веќе имаат проблеми со конвенциите за верски слободи. Тоа допрва ќе излегува како проблем во правната сфера. Проблем е и како да се регулира дејствувањето на епархиите на православните цркви чиј центар е во една држава, а епархиите се во друга, како во случајот на Црна Гора. Црногорските власти сега прават обид да се регулира тоа, но се постави проблем за конкретните законски решенија кога се работи за сопственоста врз верските храмови.

Меѓу Србија и Црна Гора постојат разлики и за идентитетските прашања, соработката со НАТО… Колку е опасно ова мешање на верските и политичките прашања?
– Јасно е дека законските решенија според кои сопственоста врз верските храмови за кои верските организации немаат тапија за имот од пред 1 декември 1918 година во својата заднина имаат политички мотиви. Црногорските власти се на колосекот на создавањето црногорска држава, со црногорски национален идентитет, црногорски јазик… сите атрибути на една државна и национална посебност. На тој пат тие имаат голема пречка во ставовите на Српската православна црква и на голем дел од политички личности и партии во Србија, кои го оспоруваат тоа, односно негираат дека постои самостојна црногорска нација, јазик и слично. Туку се работи за дел од српскиот народ, српскиот јазик… Тоа е основата на судирот, кој досега имал различни фази. Епархиите на СПЦ во Црна Гора се јадрото на тој став, на тој отпор кон црногорската самостојност, кои со својата активност ги мобилизираат оние делови од граѓанството во Црна Гора што се чувствуваат како етнички Срби и дел од српскиот народ. Таа конфронтација трае со години и тука се опфатени и геостратегиските интереси – фактот дека Црна Гора е определена за ЕУ и НАТО, но дека на овој простор има и силни влијанија од Русија, на која ставовите и активностите на просрпски определени граѓани ѝ одат во прилог. Очигледно е дека црногорската власт сака да ги намали влијанијата што ги имаат овие центри и експозитури во Црна Гора, а кои добиваат силна финансиска поткрепа од приходите што се остваруваат во храмовите што се во сопственост на СПЦ и дека тоа веќе не се сака да се дозволи.

Може ли да се направи паралела на случувањата во ЦГ и она што е во Македонија, ако се има предвид непризнавањето на Македонската православна црква… Можно ли е да се вратат проблемите со случајот „Вранишковски“ и сл?
– Мислам дека нашиот случај е поинаков. Верските храмови во нашата земја се во сопственост на верските заедници, и тоа во најголем дел е поткрепено со сите тапии. Олеснителна околност кај нас беше и тоа што, по 1945 година, веќе немавме постоење на епархии на СПЦ во нашата земја. Значи, нема основа СПЦ да побара сопственост врз храмови, и покрај тврдењата дека тие се правени во средновековниот период. Таква опасност нема и во случај да се регистрира верската организација ПОА, на чело со Јован Вранишковски, а што се бара од нас врз основа на пресудата на Европскиот суд за човекови права од Стразбур. Ние треба да најдеме решение за тој проблем. А по регистрацијата на верската заедница на православните Албанци во Македонија, мислам дека веќе немаме аргументи да се спротивставуваме на тоа.

Како гледате на однесувањето на официјалните лица во Белград и во Подгорица, односно на претседателите Вучиќ и Ѓукановиќ, колку нивното политичко разединување влијае на односите и на двете цркви во Црна Гора?
– Добро е што српскиот претседател се откажа од доаѓањето во Црна Гора на Божиќ, бидејќи тоа уште повеќе ќе ја искомплицираше ситуацијата. Имам впечаток дека политичарите во овој период останаа со ладни глави. Но факт е дека тие се на целосно спротивставени страни, дека имаат различни позиции. Поголема одговорност во случајот има официјален Белград. Мислам дека во оној момент кога во Белград ќе се сфати дека Црна Гора е самостојна држава, која има право сама да си ја определува сопствената судбина, тогаш ќе се влезе во порелаксирана ситуација.

Дали зад прашањето за сопственоста на црковниот имот стојат во основа економски мотиви, ако се знае дека некои црковни имоти се во атрактивни туристички центри?
– Постојат и такви мотиви, но тие се во сенка на претходно спомнатите. Точно е дека манастирите во Црна Гора, како на пример Острошкиот манастир, остваруваат големи парични приходи, со кои се финансира антицрногорска активност. Така, потегот на црногорските власти ја има и таа димензија да се сосечат финансиите на епархиите на СПЦ, иако допрва треба да се види како би се извело тоа правно.