Во Грција четворица, во Хрватска петмина заразени од коронавирус

150

Гркинка, која неодамна се вратила дома од северна Италија, стана четвртиот случај на коронавирус во Грција.

Нејзината состојба е стабилна и внимателно се следи, соопштија здравствените власти.

Станува збор за 36-годишна жена која е примена во болница во Атина, јавуваат грчките медиуми.
Во Хрватска, пак, се потврдени два нови случаи на инфекција со коронавирус, со што вкупниот број заразени се искачи на петмина, соопшти министерот за здравство Вили Берош.

Новите два случаи се лица кои биле во контакт со првозаразениот односно третозаразениот.

Од двајцата нови заболени, едниот е во Загреб, а другиот е во Риека и тие се хоспитализирани последниве неколку дена.

Едниот од нив бил хоспитализиран во Клиничкиот болнички центар Риека и тој е на средовечна возраст, а другиот е помлад пациент кој се наоѓа на Клиниката за инфективни болести во Загреб.

Раководителот на Клиниката за инфективни болести рече дека новозаразениот во Загреб веќе бил во карантин, поради тоа што се работи за личност блиска со првозаразениот во земјата.

Ист е случајот и со пациентот во Риека.

– Сите случаи во Загреб се поврзани со првозаразеното лице, а случајот во Риека е поврзан со првото заразено лице во Риека и сите веќе биле под надзор како мерка за претпазливост – рече министерот за здравство.