Во градежништвото има работници од Индија

168

Сопствениците на градежната компанија од Самобор, Лејла и Даниел Крежиќ, две години преку оглас неуспешно се обидувале да најдат работници за хидроизолација. Барале и работници без искуство, но не се јавил никој од соседните земји. Затоа биле принудени да бараат работници од подалечните земји. Моментално во оваа хрватска фирма работат десетмина работници од Индија.

Во оваа фирма во Самобор работат и тројца Украинци, а сегашниот сооднос со домашните работници изнесува пола-пола, но наскоро може тоа да биде во корист на странците, пишува „Вечерњи лист“.

– Јазичната бариера е проблем. Индијците говорат некој чуден и тешкоразбирлив англиски јазик, но брзо го учат нашиот јазик. Секој од овие работници има и свое хрватско име. Така, меѓу себе се обраќаат со Штеф, Ивек, Макс, Боби, Драго, Јуре, Рамо и Мали. Вака е полесно отколку да ги ословуваме со нивните имиња – велат сопствениците на фирмата.

Работниците од Индија се задоволни од тоа што им е дадена можност да работат во Европа. Тие се лојални и вредни, а главна цел им е да им испратат пари на нивните семејства што се во Индија. Индиските работници се сместени во еден стан. Најголем проблем им е хрватската храна. Затоа од фирмата веќе ангажирале и готвачка од Индија, која ќе им приготвува храна според индиската традиција. Нивна најголема желба е да дојдат и нивните блиски во Хрватска.