Вонредна седница за визната либерализација

222

Претседателството на Собранието на Косово за денеска закажа вонредна седница, свикана по барање на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателот на Собранието, Кадри Весели, по седницата на претседателството изјави дека барањето на Харадинај за вонредна пленарна седница се однесува на пакет закони од европската агенда.

– Наш приоритет останува визната либерализација и таа агенда нема да запре – изјави Весели.

Парламентарниот спикер информира дека ќе отпатува за Брисел, за да ги убеди и оние земји што се скептични дека „визната либерализација е правичен процес“ и дека косовските граѓани заслужуваат слободно да се движат во Европа.

Претходно, косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека идната војска на Косово ќе дејствува и на југ и на север и оцени дека е важно сите заедници што живеат на Косово да бидат дел од војската, но не прецизира кога таа би можела да биде формирана.

Харадинај во интервју за „Косовапрес“ рече дека е важно сите заедници што живеат на Косово да бидат дел од војската, како и дека нивната примарна задача е да го заштитат Косово.

– Без разлика на националноста, сите припадници на Косовските безбедносни сили (КБС) се должни да го бранат Косово, во спротивно ќе одговараат – рече Харадинај, напоменувајќи дека во редовите на КБС има исклучително вредни мажи и жени од сите заедници.