Возачите во долги колони поради словенечко-хрватската „камионска војна“

65
Долги колони од товарни возила на големите гранични премини

Хрватска го затвори преминот Мурско Средишче за да ги спречи камионите да влегуваат во ова место, а Словенија возврати со затворање на помалите
гранични премини и создаде метеж на големите гранични премини

Словенија од први јуни воведе ограничување за влез на камиони потешки од 7,5 тони, а на шесте гранични премини возачите се принудени на чекаат во долги колони. Хрватскиот министер за сообраќај, Олег Бутковиќ, и словенечката министерка за инфраструктура, Аленка Братушек, се состанаа во вторникот во Љубљана за да најдат решение за километарските колони од товарни возила на најголемите гранични премини Рупа, Пасјак и Брегана, меѓу Словенија и Хрватска.

На состанокот, од хрватската страна биле искажани низа проблеми што произлегоа од донесувањето на одлуката за ограничување на влезот на словенечка територија, а беше побарано да се дојде до брзо и компромисно решение. Од Хрватската стопанска комора веднаш побараа да се најде решение и предложија од Република Словенија да се побара повластен статус за хрватските превозници.
Од словенечкото министерство за инфраструктура тврдат дека се одлучиле на овој потег за да го намалат метежот на локалните патишта и тешките камиони да ги префрлат на автопатиштата. Преминот на помалите гранични премини им е овозможен само на превозниците од хрватските погранични жупании, но доколку крајното одредиште им е во Словенија.

– Хрватска го затвори преминот Мурско Средишче за да ги спречи камионите да влегуваат во ова место. Словенија возврати со затворање на помалите гранични премини и создаде метеж на големите гранични премини – вели Драган Крањчец, претседател на Здружението на хрватските превозници, во изјава за „Јутарњи лист“.
По отворањето на „камионската војна“, на преминот Брегана се создадоа километарски колони, а возачите чекаа по десетина часа за царински преглед. Ова им создава големи дополнителни трошоци на превозниците, со плаќање патарини и губење време.
– По десет часа чекање на царина, возачите следните девет часа не можат да продолжат со патувањето, а испораката на производите доцни еден ден. Еден ден за изнајмување камион чини меѓу 400 и 500 евра – објаснува Крањчец.

Проблемите во камионскиот превоз меѓу двете земји произлегоа по донесувањето на новиот правилник за ограничување на користењето на јавните патишта за товарните возила, за кои најголемата дозволена маса надминува над 7,5 тони, што беше донесен од хрватското министерство за транспорт. Со него се забранува движење за тешките камиони на дваесет државни и жупаниски патишта, како и транзит на Подравската магистрала.

Хрватска го забрани сообраќајот за тешки возила во Мурско Средишче, низ кое дневно поминуваа по 500 камиони. Тоа беше причина населението од двете страни на границата да се побуни и да го блокира блискиот граничен премин.
– Доколку не се промени состојбата, ќе организираме нови протести. Ќе бидеме принудени да ги блокираме патиштата, но друг избор немаме – вели Крањчец.
Хрватските превозници предупредуваат и на можноста за намалување на платите на возачите, што уште повеќе ќе го забрза нивното заминување од земјата.