Власта на избори, опозицијата за бојкот, а Македонците?

210
Српската напредна партија прва ги предаде листите за пратеници под називот: „Александар Вучиќ - за нашите деца“

Трите партии на Македонците во Србија сѐ уште не зазеле став за тоа дали и како ќе учествуваат на парламентарните избори во Србија. Неизвесно е и дали тие, поради поделеноста меѓу нив, ќе соберат сили да формираат една заедничка пратеничка листа

Oпозицијата собрана околу коалицијата Сојуз за Србија објави бојкот на претстојните избори, кои владејачката партија ги распиша за 26 април, на сите три нивоа. Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека овие избори имаат пресудно значење и ги повика граѓаните да излезат на гласање „за да го изберат патот за себе и за својата земја“. Во исто време, Зоран Лутовац, претседавач на опозицискиот СзС и лидер на Демократската партија, веќе ги прогласи изборите за нелегитимни, без учество на опозицијата.

Според досегашните најави, како сигурни учесници на изборите со посебни изборни листи ќе излезат владејачката Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ и Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ. Учество на изборите најавија и сегашните коалициски партнери на СНС, како и други помали опозициски партии. Од проевропските и опозициски партии на изборите ќе излезат неколку помали партии и здруженија, меѓу кои е Фронтот за Војводина предводен од Ненад Чанак, Либерално-демократската партија (ЛДП) на Чеда Јовановиќ, Граѓанскиот пресврт и Србија 21.

Засега, трите партии на Македонците во Србија сѐ уште не зазеле став за тоа дали и како ќе учествуваат на парламентарните избори во Србија. Неизвесно е и дали тие, поради поделеноста меѓу нив, ќе соберат сили да формираат една заедничка пратеничка листа. Познато е дека неодамна, во организација на албанската влада во Тирана, се одржа заеднички состанок со политичките претставници на Албанците од општините на југот на Србија, на кој потпишаа меморандум за заеднички настап на изборите.

– Вучиќ и неговата партија тргнуваат на избори очекувајќи тие, сепак, да бидат легитимни, додека дел од опозицијата се обидува да ја одземе таа легитимност со бојкот на изборите. Ако се погледне објективно, опозицијата е во право кога тврди дека не може рамноправно да учествува на изборите – изјави политичкиот аналитичар Милан Николиќ за „Дојче веле“.

Политикологот Бобан Стојановиќ смета дека сега „најголема непозната е кој воопшто, освен листите на Српската напредна партија на Александар Вучиќ, Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ и националните малцинства, ќе успее да го премине цензусот, а прашање е и кој ќе биде одзивот на изборите, од кој зависи и оцената за легитимитетот на новата власт во Србија“.

Поддршката од граѓаните за Александар Вучиќ изнесува околу 40 отсто, во услови кога делот од опозицијата што ги бојкотира изборите е оптоварен со голем број проблеми, зашто се очигледни поделбите во самата опозиција околу идејата за бојкот на изборите. Опозицијата би сакала да учествува на локалните избори во Шабац и во Параќин, каде што би се обидела да ја задржи власта, но остатокот од опозицијата смета дека тоа ја разводнува идејата за бојкот.

– Власта го намали цензусот на три проценти и тоа го направи само за да се намали ефектот на бојкотот. Сѐ друго остана непроменето, и натаму имаме функционерски кампањи, имаме банди на СНС, кои имаат лични податоци на граѓаните и ги посетуваат и испитуваат дали ќе гласаат или не, секојдневно имаме и притисоци врз избирачите и изјави на луѓе што тврдат дека им се вршат закани со отказ доколку не соберат потписи – наведува аналитичарот Бобан Стојановиќ.

Единствената политичка партија на Македонците, која е активна, односно Партијата на Македонците во Србија, одлуката за настапот на изборите ќе ја донесе наскоро.
– Најверојатно денеска ќе одлучиме за нашиот став за изборите. Другите две македонски партии имаат минорно членство и се обидуваат да остварат ситен личен интерес. Единствена партија што останува доследна на македонските национални интереси е нашата. Во овој момент не е можно да се настапи со единствена листа, затоа што од другите македонски партии се пазарат со преостанатите партии – ни изјави Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија.

Од оваа партија реагираа на новите измени во Изборниот законик, со кои Републичката изборна комисија на Србија одлучува за статусот на малцинска партија и за тоа може да побара мислење од Националниот совет за тоа дали подносителот на изборната листа е од партиите на националните малцинства, за кои не се применува изборниот цензус од три отсто.