Вештачка магла и светлосни ефекти во шоуто на Трамп за Косово

1024

Наспроти непредвидливоста околу преговорите, од почетокот беше сигурно дека гласно најавениот американски напор за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово ќе биде со малку содржина и со многу публицитет, пишува „Политико“.

Па така и резултатот не беше изненадување. Два различни документи потпишани од секоја страна индивидуално, ја прикажаа површноста и отсуството на планирање. Тоа всушност беше повторување на нештата кои веќе се договорени помеѓу Косово и Србија, а главната цел на „договорот“ претставуваше, не напредок во дијалогот, туку напредок за изборната кампања на Доналд Трамп.

Косово и Србија и во минатото заедно потпишуваа повеќе спогодби. А сепак, со сето политичко внимание насочено кон последниот договор, американскиот специјален пратеник Ричард Гренел не успеа да ги убеди двете страни да дадат заедничка изјава, што отвори прашања за правниот статус на потпишаните документи и покажа степен на неуредност што доаѓа со давањето приоритет на брзината во однос на содржината.

– Не е изненадување што секоја страна замина од состанокот вооружена со сопствен наратив за домашна употреба. Белата куќа прогласи победа во напредување на мировниот процес во долготрајниот конфликт. Српскиот претседател Александар Вучиќ го протолкува настанот како билатерална средба со Вашингтон, насочена кон подобрување на билатералните односи, а Косово исто така објави победа бидејќи доби признавање од Израел. Ниту една од наводните победи нема да го покрене напред дијалогот помеѓу Косово и Србија, во ниту еден аспект – се наведува во анализата на „Политико“.

Спротивно на тврдењето на Гренел дека САД овозможиле нешто „ново“ и креативно“, повеќето од ветувањата веќе постојат во рамката на преговорите со ЕУ и берлинскиот процес или како посебни иницијативи, вклучувајќи ги инфраструктурните проекти, регионалната соработка, граничните премини, признавањето на дипломите и соработката за откривањето на судбината на исчезнатите лица.

Новитет претставува израелското признавање на Косово, но тоа е помалку поврзано со дијалогот со Србија, а повеќе со желбата на Трамп да им угоди на гласачите евангелисти. Лошата страна на т.н. израелски пакет е што двете страни ризикуваат да се оддалечат од ЕУ, бидејќи предвидува отворање на амбасада во Ерусалим. Обврската да ги користат американските системи за скрининг и информации исто така може да го подрие пристапниот процес кон ЕУ за Србија и за Косово. Друг нов елемент е и американското ветување за поголема улога, вклучително и преку нови инвестиции.

Дали скормниот договор ќе опстане по американските претседателски избори исто така е отворено прашање. Вистинскиот предизвик за дијалогот помеѓу Косово и Србија, како и во регионот, лежи во имплементацијата на ветувањата, не во наведувањето на лидерите да ги потпишат. Бројни регионални договори, и подобро подготвени од овој, остануваат неспроведени. Ако Белата куќа е искрено заинтересирана за договореното и за правење на разлика на теренот, таа треба да соработува со Стејт депарментот и со ЕУ на содржината, планирањето, финансирањето и поттикот, заклучува „Политико“.