Веселата прошетка на Ципрас низ „политичките гробишта“

205

Грчкиот премиер Алексис Ципрас се наоѓа во тешка политичка ситуација, од која не може да се извади ниту со досетливите потези и иницијативи, пренесуваат светските медиуми.

Неговите ривали и критичари велат дека лидерот на СИРИЗА „свиркајќи шета низ гробишта“, мислејќи дека, сепак, повторно ќе добие уште едни избори, пишува „Нешнл хералд“.

Според анкетите, рејтингот на СИРИЗА на Ципрас е далеку зад најголемата опозициска партија Нова демократија, која ја симна од власт во 2015 година, и по вторпат ја победи на вонредни избори истата година. Дванаесет различни анкети спроведени годинава покажуваат дека Нова демократија има поддршка поголема за 14,1 отсто. Две третини од испитаниците во анкетите изразиле незадоволство и поради постигнувањето на Преспанскиот договор.

Грчкиот премиер, сепак, смета дека истражувањата на јавното мислење грешат. Тој забрзано се обидува да ги придобие централно-левичарските партии за да создаде коалиција што ќе освои гласови, но веројатно нема да успее во таа намера, според предвидувањата на британскиот магазин „Економист“.

– За човек што се соочува со неминовен пораз, Алексис Ципрас делува спокојно. Се чини дека тој повеќе е насочен кон своето наследство, отколку кон иднината – наведува „Економист“.