Верските заедници ќе добиваат државни субвенции

621

Право на државна субвенција да имаат само православни и муслимански религии, а верските заедници да не примаат странски донации. Ова е содржано во амандманите на Законот за религиозни вероисповеди поднесени до Националното собрание на Бугарија, од претставници на парламентарните групи на трите најголеми партии ГЕРБ, БСП и ДПС.

Државната субвенција ќе се доделува на религиозни заедници, на кои им припаѓаат не помалку од еден процент од населението на земјата. Според официјалните статистички податоци на НСИ, само православието и исламот го исполнуваат овој услов. Католицизмот не може да го помине прагот, бидејќи само 0,6 отсто од Бугарите се идентификуваат како католици. За секоја верски определена личност, од државата ќе бидат одобрени по 10 лева, но не повеќе од 15 милиони лева за една религиозна заедница.

Доколку бидат прифатени овие измени на законот, Бугарската православна црква би добила најмногу од државата, додека Главното муфтиство 9,67 милиони лева. Сега распределбата на државната субвенција за регистрираните верски заедници се врши од државниот буџет. Во 2018 година се предвидени околу пет милиони лева, само за поправка на храмови и гробишта.
– Откако државата обезбедува субвенција, тогаш треба да има од нејзина страна рестриктивен режим и засилена контрола врз начинот на финансирање на овие верски институции – пишуваат предлагачите на новиот текст за верското организирање во Бугарија. Финансирањето на религиозни заедници, кои имаат помалку од еден процент од населението, останува во сегашниот поредок, да бидат помагани само за одржување храмови и гробишта.

Предлагачите нудат и забрана за регистрираните верски заедници и институции да добиваат странски донации за плати на свештенослужители и за вработените во верски институции. Секоја друга помош од странска држава мора да биде одобрена од страна на Верската дирекција во Советот на министри. Покрај тоа, секоја донација над одредена сума ќе биде прогласена за државата. Сепак, точниот износ сѐ уште не е утврден.

– Според нас така ќе се дадат реални гаранции против интервенција на странски лица и организации во работата на бугарските религиозни заедници. Но најважната и суштински последица е спречување и преминувањето на активности на лица или организации, насочени против националната безбедност, јавниот ред, здравјето и морал, или против правата и слободите на бугарските граѓани – наведуваат предлагачите на законот.
Религии со повеќе од еден отсто верници ќе можат да отворат духовни училишта и високообразовни институции. За регистрација на верска заедница потребни се 300 потписи од граѓани.