Будва планира да воведе казна од 600 евра за шетање во костим за капење

136

По примерот на неколку хрватски приморски градови, и Будва планира да воведе казни за туристите кои ќе шетаат по градот во костими за капење. Казна од 500 евра е планирана за прошетка без маица, за прошетка во костим за капење казната ќе биде 600 евра, а за јадење и пиење на јавна површина дури 700 евра, пишува „Вечерње новости“.

Засега одлуката за казните не е стапена на сила, а за нејзино конечно носење ќе бидат вклучени и жителите на Будва.

– Нацртот и идејата се изработени по примерот на комуналниот ред кој го донесе Хвар, а се однесува на начинот на облекување, почитување на приватноста, културните знаменитости, еколошките стандарди, хигиената и сè друго – изјави за „Новости“ Драган Иванчевиќ, претседател на Одборот за угостителство и туризам при Стопанската комора на Црна Гора.

Неопходно е, додал тој, секој град, особено ако е туристички, да има прецизна одлука за комуналниот ред затоа што од голема важност е да се заштитат жителите како и оние кои доаѓаат да се одморат.

Освен во Хвар, правила за однесување имаат донесено и Дубровник и Сплит. Во овие хрватски градови за шетање во костим за капење се плаќа казна од 800 евра.