Бугарија има и поголеми проблеми од оспорувањето на историјата

1832

Бугарија итно се обидува да го спречи ширењето на коронавирусот додека бележи нагло зголемување на нови случаи, што го преоптовари здравствениот систем кој и досега беше на удар на пандемијата, пишува „Политико“ во написот „Бугарскиот здравствен систем пред колапс поради кризата со коронавирусот“.

– Како и секаде низ Европа, вториот бран на вирусот силно ја погоди државата. Избегнувајќи го најлошото при избивањето на вирусот изминатата пролет, Бугарија беше бавна при воведувањето поцврсти мерки како што бројот на случаи се зголемуваше есенва. Истовремено, децениите на непотизам ја урнаа довербата на јавноста во институциите, како и волјата на народот да ги почитува државните препораки – се наведува во анализата на европското издание на политичкиот магазин.

Бугарија сега ја плаќа цената од веќе дисфункционалниот здравствен систем ослабен од напуштањето на медицинските професионалци низ годините, оставајќи ја државата во незгодна ситуација. Бугарија моментно ја бележи најголемата стапка на смртност во Европската Унија, со просек од 25,4 смртни случаи на 100 илјади жители во период од 14 дена, според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), а во последната недела од ноември забележа над 200 илјади нови случаи на коронавирус.

 – Системот е преоптоварен и затоа не може да одговори на начинот на кој би требал – кажа Катја Сунгарска, гласноговорничката на итните медицински служби во Софија, додавајќи дека главниот град би требало да има 80 тимови на итната помош за адекватно функционирање, а всушност има 15-17 во текот на една смена од 12 часа.

Згора, во втората половина на ноември помеѓу 30 и 44 отсто од тестовите за ковид-19 во Бугарија беа позитивни. За споредба, во соседна Грција уделот на позитивни тестови е за 12 отсто понизок.

Наспроти зголемувањето на бројот на случаи бугарската влада чекаше до минатата недела да воведе значителни мерки за спречување на ширењето на ковид-19, заклучува „Политико“.

Ружа Смилова, предавачот на политички науки на софискиот универзитет, се сомнева дека владата на Бојко Борисов го одложила воведувањето на рестрикциите за да избегне политички удар во пресрет на парламентарните избори закажани за март.

 – Борисов се плашеше да воведе построги мерки кои би можеле да му наштетат на изгледите за победа на изборите напролет – вели Смилова.

Бугарија летоска се соочи со бран на антивладини протести наспроти низата скандали и обвинувањата за широко распространетата корупција. А домашната политичка криза и потешкотиите со кои се справува бугарскиот здравствен систем се случуваат истовремено додека Бугарија ја блокира евроинтеграцијата на Македонија, оспорувајќи ја историјата.