Брнабиќ: Србија е подготвена да се врати на преговарачката маса со Приштина

32

Србија е буквално подготвена веднаш да се врати на преговарачката маса и да го продолжи дијалогот со Приштина, изјави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ.

Таа изрази надеж дека политичките лидери од Приштина ќе имаат доволно храброст и одговорност да ги променат своите одлуки за да може да дојде до дијалог.

-Ние сме подготвени кој било ден да се вратиме на преговарачката маса и да продолжиме со дијалогот. Тоа е единствен начин за да постои стабилност на Косово и Метохија, а луѓето да продолжат да живеат мирно- изјави Брнабиќ.

Премиерката наведе дека посетата на францускиот претседател Емануел Макрон била многу важна за позиционирањето на Србија.

-Мислам дека посетата помина подобро од очекуваното. Голема благодарност за сето она што Макрон го кажа додека престојуваше во Србија, за сите сигнали на поддршка и за можеби најсилната порака досега дека ништо не е завршено и дијалогот мора да продолжи- заклучи Брнабиќ.