Брнабиќ во посета на Берлин, Меркел бара алтернатива за Вучиќ?

758

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ е во посета на Берлин по третпат за помалку од една година, но ова е прва официјална посета. Некои аналитичари проценуваат дека германската канцеларка Ангела Меркел затоа што Александар Вучиќ не го сработи својот дел од договорот, бара алтернатива во Ана Брнабиќ, пишува денес „Дојче веле“.

Иако премиерката на Србија е чест посетител на Берлин, а со германската канцеларка се гледа доволно и на меѓународни конференции, вчерашната посета на Берлин е нејзина прва официјална посета на германската метропола повеќе од две години по нејзиното доаѓање на чело на српската влада. Некои аналитичари проценуваат дека тајната на оваа „доцна посета“ лежи во односот на канцеларката со претседателот на Србија.

Долгогодишниот дописник за германската новинска агенција ДПА во Белград, авторот и публицист Томас Бреј, во пресрет на средбата во Берлин изрази мислење дека Меркел во премиерката Брнабиќ бара алтернатива за дијалог со Вучиќ.

– Вучиќ не го изврши својот дел од премолчениот договор меѓу Белград и Западот и не ги доведе српско-косовските односи на посакуваното ниво, додека, пак, Западот повеќе или помалку молчи за катастрофалната состојба во судството и медиумите во Србија. Затоа што Вучиќ не го изврши својот дел од договорот, Меркел сега бара алтернатива во директен дијалог со премиерката Брнабиќ – рече Бреј.

Во исто време, тој верува дека ова ја покажува уште еднаш неинформираноста на германска дипломатија на Балканот.

– Очигледно во Берлин, тие сè уште не сфатија целосно дека во Белград жиците ги влече Вучиќ и дека без него нема одлучување – вели тој.