Брисел побара дијалог меѓу власта и опозицијата

142

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во заедничка изјава околу последните случувања во Албанија побараа дијалог меѓу Владата и опозицијата. Нивните изјави се повод за вчерашните протести на опозицијата, кои се одвиваа под силно полициско обезбедување пред парламентот во Тирана.

Високите европски претставници истакнаа дека протестот е демократско право, но осудуваат секаков акт на насилство и секаква изјава на политичките лидери што поттикнуваат насилство.

– Имајќи предвид дека денеска во Албанија опозицијата одржува протест, ние го потврдуваме правото на граѓаните да се вклучат во мирни протести како суштинска карактеристика и суштинска вредност на демократијата, но ние силно ја осудуваме секоја реторика од страна на политичките лидери што повикуваат на насилство – се наведува во заедничката изјава.

Тие, исто така, се осврнаа на одлуката на опозицијата нејзините пратеници да се откажат од мандатите, оценувајќи дека тоа сериозно го попречува функционирањето на демократијата во Албанија.

– Парламентот е место каде што треба да се дискутира за реформите, а не да се бојкотира. Овие одлуки и акти се контрапродуктивни, одат против демократските избори на албанските граѓани и го поткопуваат напредокот што земјата го направи на патот кон Европската Унија – оценуваат Могерини и Хан.

Европската Унија, се посочува, очекува сите страни во албанскиот парламент да ги бранат идеалите и принципите на демократијата, да продолжат да служат во Собранието и да ги преземат сите потребни мерки за да ги избегнат насилните акти и да поттикнуваат изјави за насилство.

Претседателот на албанскиот парламент, Грамоз Ручи, ја одложи пленарната седница закажана за вчера поради закажаниот масовен протест на опозицијата и сознанијата дека ќе имало обид за насилно влегување во законодавниот дом. За одлуката на опозициските пратеници да се откажат од мандатите, Ручи рече дека тоа е „политичко самоубиство“ и ѝ нанесува штета на државата.