Брисел не се произнесува јавно за размената на територии меѓу Белград и Приштина

35

По последната рунда преговори во петокот помеѓу претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, од Европската комисија нема јавни коментари за идеите за размена на територии и поделба на Косово, кои се почесто се споменуваат, јави дописничката на МИА од Брисел.

Портпаролката на високата претставничка за надворешни политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, Маја Коцијанчич ги отфрли обвинувањата дека последната рунда преговори меѓу Вучиќ и Тачи претставува „пораз“, бидејќи двајцата претседатели одбија да одржат трилатерална средба со шефицата на европската дипломатија, како што налага праксата.

Запрашана дали Могерини ја поддржува идејата за размена на територии или промена на границите, Коцијанчич изјави дека не се влегло во детали за време на средбата.

– Ги прецизиравме параметрите во контекст на преговорите. Работиме на договор заснован врз меѓународното право, кој е реалистичен за двете страни, рече портпаролката на Могерини.

Таа потсети дека високата претставничка на ЕУ од Виена порача дека јасно ја одбива идејата за „етнички држави“.

Според Коцијанчич, во рамките на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Приштина и Белград, ЕК работи на „легално обврзувачки“ договор, кој ќе го почитува меѓународното право и истовремено ќе биде одржлив и спроведлив.

– Не можеме јавно да дискутираме за деталите, високата претставничка рече дека преостануваат потешкотии, никогаш не сме бегале од тоа, ова е тежок процес, многу чувствителен, изјави Коцијанчич.

Брисел останува во контакт со двете страни и очекува од нив да продолжат да работат во рамките на дијалогот. Неизвесно е кога ќе се закаже нова рунда преговори, но портпаролката истакна дека од влегувањето во втората фаза на дијалогот одржан е најголем број средби и дека работата се интензивира. 


ЕК бара недвосмисленост на Белград околу Милошевиќ

Европската комисија денеска побара „недвосмисленост од Србија“ во врска со вчерашните изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ во Косово за „ликот и делото на Слободан Милошевиќ“, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Помирувањето, нормализацијата и добрососедските односи ќе бидат возможни само ако се отфрлат и надминат политиките од минатото кои донесоа декада мизерија и страдање за Западниот Балкан и неговите народи, изјави портпаролката на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.

Таа додаде дека „не смее да се остави простор за двосмисленост и пофалби за оние кои ги спроведуваа тие политики“.

– Помирувањето и добососедските односи се суштината на она за што се бори ЕУ и сите партнери кои имаат европска перспектива мораат да ги почитуваат овие принципи, нагласи Коцијанчич.

Таа при тоа го цитираше претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер кој викендов изјави дека национализмот никогаш не решил ниеден проблем, туку само ги создавал.