Брисел како последна надеж

85
Масовните протести во Бугарија почнаа пред повеќе од два месеца

Во последните денови, незадоволните граѓани и приврзаниците на опозициските партии во Бугарија се сѐ погласни во барањата за добивање поголема поддршка од Брисел, кој од „пристојна“ дистанца ги следи случувањата во Бугарија, за која медиумите од Западот редовно информираат како за „најсиромашната земја во ЕУ“

Бугарија

Неколку илјади луѓе во Бугарија со месеци протестираат против актуелната влада во Софија и бараат реформи во правосудството, донесување мерки против корупцијата во високите државни структури и злоупотребата на средствата што се добиваат од Европската Унија. Во последните денови, незадоволните граѓани и приврзаниците на опозициските партии се сѐ погласни во барањата за добивање поголема поддршка од Брисел, кој од „пристојна“ дистанца ги следи случувањата во Бугарија, за која медиумите од Западот редовно информираат како за „најсиромашната земја во ЕУ“. Демонстрантите прашуваат каде се институциите на ЕУ, чии пораки се многу посилни и подиректни, кога станува збор за нарушувањето на демократските процеси и корупцијата во другите балкански земји. Перцепцијата за корупција во Бугарија, според извештаите на „Транспаренси интернешнл“, е највисока во ЕУ, објави Блага Тавард во анализата за „ЕУ обсервер“. Исто така, и критериумите за владеењето на демократијата во земјата се загрозени, а во 2019 година, според Индексот за владеење на правото и корупцијата во извршната власт, Бугарија е рангирана како Русија.

Пратеникот во Европскиот парламент, од Партијата на зелените, Даниел Фројнд, присуствуваше на протестите во Софија за да им изрази подршка на демонстрантите. Овој германски политичар помина три дена во Бугарија за да се информира за наводните злоупотреби на средствата на ЕУ во круговите на Владата.
– Разговарав со службеник на едно бугарско министерство и тој ми го објасни механизмот на корупцијата. Тој објасни како доаѓа до тоа јавните тендери секогаш да ги добијат фирмите што претходно се избрани. Државните службеници се принудени да го направат тоа што се бара од нив, затоа што најголемиот дел од платата се исплатува според системот на бонуси – изјави европскиот пратеник за „Дојче веле“.
Масовните протести во Бугарија почнаа пред повеќе од два месеца, а основните барања на демонстрантите се оставка на премиерот Бојко Борисов и на генералниот државен обвинител Иван Гечев.

Иницијална точка беше објавувањето на информацијата дека една клучна политичка фигура успеа да добие сопственост над јавна плажа на Црно Море, а непосредно по тоа следуваше претрес на службените канцеларии на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ги поддржува протестите на незадоволните граѓани. Демонстрантите очекуваат поголема поддршка од Европа и упатуваат критики до конзервативната Европска народна партија (ЕПП), а пред сѐ до германските ЦДУ и ЦСУ, затоа што ги игнорираат проблемите што ги има Бугарија со корупцијата, владеењето на законот и медиумските слободи и што продолжуваат да ѝ даваат „поткрепа“ на партијата на Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ).
Демонстрантите во Бугарија се надеваат дека за остварување на своите цели ќе добијат и соодветна помош од ЕУ.

– Тоа што го сметам за многу позитивно во врска со протестите е што ги надминуваат различните општествени класи, политички идеи и партиска припадност. Но и тоа што во Бугарија не е изгубена надежта во Европската Унија – вели германскиот европратеник Фројнд.
– Состојбата во Бугарија и натаму е загрижувачка – вели либералната пратеничка во Европскиот парламент Софија Велд, во изјава за „Дојче веле“. Таа ја води групата за надгледување на демократијата, правната држава и основните права во Европскиот парламент, која по последниот состанок во август, со бугарскиот заменик-премиер и со заменик-државниот обвинител, испратија листа со клучни прашања до бугарските институции, а кои се однесуваа на владеењето на законите, медиумските слободи и човековите права. За почетокот на октомври во Европскиот парламент е планирана пленарна дебата за Бугарија.