Брисел го определи датумот за косовското прашање!

2829
САД и Европската Унија со свои фаворити во Приштина, Курти и Тачи

Како можен датум за наоѓање решение во дијалогот меѓу Белград и Приштина се споменува март следната година, но дипломатски извори велат дека постои премал маневарски простор за специјалниот претставник Мирослав Лајчак да влијае на приближување на различните ставови меѓу САД и ЕУ

Косово

Политичките пресметки во Приштина и ширењето на епидемијата на коронавирусот привремено ги одложи финалните преговори за решавање на српско-косовскиот проблем, што требаше да се случат до крајот на годинава. Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, смета дека реално е да се очекува да биде постигнат договор до март следната година, но, како што вели, тоа не е најважен временскиот рок, туку е позначаен „квалитетот на ова решение“. Тој во разговор за приштинската телевизија Клан Косово вели дека неговите изјави против независноста на Косово биле дадени во 2009 година, една година пред одлуката на Меѓународниот суд за правда.

– Јас сум дипломат и ги признавам сите одлуки на меѓународните организации, како и на Меѓународниот суд на правдата, за тоа дека со одлуката за прогласување независност на Косово не е прегазено меѓународното право. Најзначајно е дека доаѓам со отворен ум, немам тајни агенди и го носам своето искуство за решавање на нерешените проблеми меѓу Косово и Србија – изјави Лајчак. Тој ги негираше изјавите на премиерот на Косово во оставка Албин Курти дека постои подготвен таен договор меѓу двете земји, кој само треба да се потпише.

Во пресрет на најавите за одмрзнување на дијалогот, Демостат објави анализа во која се посочува на тоа дека САД и Европската Унија се повеќе „оддалечени“ во врска со решавање на косовското прашање. Именувањето на словачкиот дипломат Мирослав Лајчак значи и поддршка за техничкиот премиер на Косово Албин Курти, кој би бил на чело на преговарачкиот тим на Приштина. Оваа опција за Вашингтон е тешко прифатлива, бидејќи го фаворизира претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој му е главен политички ривал на лидерот на Самоопределување, кој не ја доби доверба од актуелното парламентарно мнозинство и мораше да се повлече од премиерската функција.

– Дијалогот меѓу Белград и Приштина за американската дипломатија е ставен во втор или трет план, од причина што претседателските избори во САД можат да се добијат или да се изгубат на прашањето за борбата против коронавирусот, прецизираат аналитичарите за Демостат. Истите извори наведуваат дека дипломатот од Словачка има „завидни преговарачки способности и моќ на убедување на соговорникот“, но проблем е што неговиот мандат е ограничен на една година. Поради пандемијата, политичката криза на Косово и претстојните избори во Србија, останува мал маневарски простор и време за Лајчак за да може да организира сериозен преговарачки процес. Ова ќе оди во прилог на американската администрација, доколку Трамп претходно успее да ја зајакне забавената економија, а потоа целосно да се насочи на односите Белград – Приштина.

Во меѓувреме, Тачи и Курти продолжуваат со вербалната војна во Косово, која ескалира со одбивањето на безусловното укинување на таксите за увоз на производи од Србија и од БиХ. Претседателот на Косово пред неколку дена побара од Курти да го достави името на мандатарот за составување нова влада. Но засега нема никаков одговор, од причина што Курти е целосно „посветен на борбата против епидемијата“. Зад оваа игра на престолот стои желбата на Курти по завршувањето на епидемијата да се одржат вонредни парламентарни избори, а на тоа се спротивставува Тачи, кој се обидува да формира ново парламентарно мнозинство без да се излезе повторно на гласање. Едно од сценариото е да се формира коалиција меѓу партиите на Тачи, Рамуш Харадинај и на Фатај Лимај, кои ќе застанат зад премиерската кандидатура на Иса Мустафа.

Но оваа коалиција би била тешко одржлива влада, која ќе се потпира на политичка трговија. Намерата на Курти е пред Европската Унија да се претстави како главен политички претставник на Косово. Неговиот адут се состои во неговиот став дека новите мапи и проекти за размена на територии, би предизвикале нови немири и крвопролевање. Но останува и опасноста од евентуалната победа на Албин Курти за оживување на идејата за голема Албанија, која ја застапува отворено во своите политички настапи.

Неделава беше објавена информацијата дека генералниот совет на Демократскиот сојуз на Косово го одобри барањето на претседателот на оваа партија, Иса Мустафа, да формира нова влада со Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, со Социјалдемократска иницијатива на Фатај Лимај, Алијансата за ново Косово на Беџет Пацоли и партиите на малцинските заедници. Ова го објави денеска на својот фејсбук-профил лидерот на ДСК, Иса Мустафа. Тој побара од советот да ја објави коалицијата по електронски пат в недела.