Босна преплавена со поранешни борци џихадисти

118

Десетмина државјани на Босна и Херцеговина, кои војувале на страната на Исламската држава, ќе бидат депортирани од Сирија во наредниот период. По враќањето на овие радикални борци, ќе следува депортирање и на другите лица што престојувале во Сирија. За шестемина припадници на ИСИЛ била распишана и меѓународна потерница на Интерпол, пишува „Вечерње новости“.

Министерот за безбедност во Советот на министри на БиХ Драган Мектиќ ја потврди информацијата за депортирање деветмина поранешни припадници на ИД, кои се бореле на страната на терористичката организација.

– Реализацијата на овој проект е во тек. Станува збор за лица за кои БиХ има распишано потерница и одреден им е притвор. По нивното прифаќање ќе им бидат предадени на Обвинителството и на Судот во БиХ. Со нив ќе има и едно дете од три години, кое е без родители – изјави Мектиќ.

Џевад Галијашевиќ, експерт за борба против тероризмот, за „Новости“ вели дека БиХ ќе има проблеми кога ќе бидат депортирани уште 300 џихадисти од Сирија.
– Овие се многу опасни луѓе. Ги има стотици во Сирија и тие станаа искусни борци со долгогодишен воен стаж зад себе – нагласува Галијашевиќ.

Тој предупредува дека безбедносните служби и правосудството во БиХ не одговориле на задачата во случајот со радикалните исламисти, кои ја преплавија земјата откако беа поразени во Сирија.