Борисов ја губи летната партија шах

142

По летните одмори владејачката партија ГЕРБ и бугарскиот премиер Бојко Борисов се најдоа во сложена, речиси загубена шаховска позиција. „Магијата“ на премиерот веќе дефинитивно не дејствува кај луѓето, кои се заситени од големиот број скандали и циркуси, придружени со лобирање за носење закони. Корупцијата во државните набавки станува рутинска и тие се приспособени за избраниците со различни економски интереси. Доколку Владата имаше доволно храброст да се спротивстави на интересите на фирмите од транспортната бранша, немаше да се случат некои сообраќајни несреќи. Цената на политичката слабост е јасна – Владата треба да преживее и поради тоа таа не треба да се конфронтира, а премиерот Бојко Борисов да прави постојано компромиси и да ја примени политиката на балансирање, пишува во анализата на Дојче веле.

Бидејќи Борисов нема содржински корисен потег, тој одлучи да ја изненади и плени публиката со ризична тројна жртва на пиони за враќање на политичката иницијатива. Поради сообраќајната несреќа со автобусот, не беше потребна оставката на тројца министри, туку доволно ќе беше политичката одговорност да се преземе од еден министер. Широчината на замената на министри зборува за театарските амбиции на Борисов да се создаде впечаток дека премиерот е повторно во силна позиција и ги контролира работите.

Принесувањето на жртвите, сепак, се покажа како слаб потег од повеќе причини, констатира Дојче веле. Како прво, кога се прави сериозен ремонт на министерскиот кабинет, треба јасно да се дефинираат основата и новата насока на дејствување на Владата. Кога Иван Костов смени десет свои министри, беше јасно зошто го прави тоа. Односно, многумина од нив беа поврзани со контроверзни економски интереси. Кон што цели Борисов со тројната жртва не е јасно. Подобра контрола врз јавните набавки? А кога проблемот не е јасно формулиран, не може да се очекува и некое негово решение.

Ефективноста на жртвите во крајна линија зависи од новите министри, за кои цела недела не се познати имињата. Оваа неизвесност само го засилува чувството на слабост и нестабилност. И ја потврдува хипотезата дека потегот за смена на министрите е чиста премиерска импровизација, која не е координирана ниту со коалициските партнери ниту со сопствената парламентарна група, забележува Дојче веле.

Досега ГЕРБ докажа дека секогаш можат да произведат предвремени избори – свесно или не. Сезоната почнува турбулентни настани и не е исклучено по договор за нов главен обвинител да се разбудиме во хипотеза на предвремени избори најверојатно заедно со европските. Во секој случај, Бугарија влегува во кампања, заклучува Дојче веле во својата анализа.