Борисов: Европерспективата на Западниот Балкан е појасна како никогаш досега

55

Верувам дека европската перспектива на Западниот Балкан сега е појасна како никогаш досега, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов во обраќањето на денешниот Самит за Западен Балкан во Лондон.

– Бугарија вложи огромни напори за тој приоритет – од потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и добрососедсѕвото со Република Македонија, големиот број средби што ги одржавме со лидерите на шесте земји (од Западен Балкан), преку консензусот меѓу Атина и Скопје за името на државата, па до последното заседение на Советот на ЕУ, кое ги утврди хоризонтите за почеток на претпристапните преговори со Република Македонија и Албанија- нагласи бугарскиот премиер.

Борисов во обраќањето и се заблагодари на британската премиерка Тереза Меј за упатената покана до него за учество на Самитот, оценувајќи дека тоа го смета за признание за напорите на Бугарија во регионот.

Бугарскиот премиер потенцира дека на поврзувањето и на инвестициите во регионот, не треба да се гледа само како на фактори за подобрување на животниот стандард на луѓето од Балканот, туку и како на инстгрументи за зајакнување на региопналната безбедност и стабилност.

– Тоа се клучните елементи за зближување, кои создаваат услови за економски раст и за добрососедски односи- истакна Борисов, додавајќи дека реализацијата на инфраструктурните проекти ќе доведе до привлекување инвестиции и до отворање нови работни места.

Борисов потенцира дека е неопходна и тесна соработка меѓу ЕУ и земјите од Западен балкан за прашањата за безбедноста и миграцијата, бидејќи, како што рече, европската безбедност е неделива.

– Ако работиме заедно за справување со илегалната миграција, организираниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам, можеме да постигнеме подобри резултати. Размената на информации и мислења, како и зајакнување на капацитетите, се од клучно значење- заклучи Борисов.