Борбата за пациенти се води со анонимни СМС

79

Повеќе од две илјади пациенти во Хрватска добиле анонимна СМС со која се предупредуваат да не одат на вградување вештачко колено во јавните болници, поради наводна опасност за нивното здравје. Хрватските медиуми пишуваат за здравствената афера, додека во Министерството за здравство се одржа итен состанок, за да се истражи како протекле информациите за личните податоци на пациентите. Во истрагата е вклучена и полицијата за да се открие испраќачот на анонимната порака, со која грубо се кршат личните права на пациентите.
Министерот за здравство Милан Кујунџиќ, во изјава за ХРТ, рече дека станува збор за сериозен проблем.

– Ова е криминална работа што треба да се истражи – изјави тој.
На прашањето на новинарите како е можно да се влезе во базата на медицинските податоци, Кујунџиќ одговори дека начинот е ист како и за пробивање на податоците од банките.
– Еден од пациентите ни потврди дека добил порака со која се предупредува дека во јавните институции, значи во државните болници во Република Хрватска, се вградуваат неадекватни импланти – изјави примариус Среќко Сабилиќ, раководител на клиниката за трауматологија на КБЦ „Сестре милосрднице“.

За вградување протеза на колено во оваа болница се чека две години, а оваа интервенција им е потребна на колу 800 пациенти. Лани од државниот фонд за здравство биле исплатени повеќе од 83 милиони куни за 2.547 операции на колено и за 216 ревизии. Меѓутоа, не постои единствен регистар за ортопедските зафати со кој би се знаело на кој пациент му е потребно вградување протези. Ова отвора и поголем сомнеж во Министерството за здравство и Хрватскиот завод за здравство, за начинот на кој биле пробиени информациите за здравствената состојба на граѓаните во Хрватска. Дополнителната истрага би требало да утврди дали пораките се дел од борбата на производителите на протези за добивање на јавниот тендер, за што постои и сомневање дека тие се помогнати и од здравствените работници во одделни болници во Хрватска.