Како борбата за Националниот театар создаде искра за протестите во Албанија

55

Спасувањето на Националниот театар на Албанија стана симбол на социјалните проблеми и неправди со кои се соочува земјата, пренесува турската телевизија ТРТ. Според кажувањата на Роберт Будина кој има повеќе од 20 години искуство како режисер, драматург и продуцент на филмови, цел на борбата е да се спаси историскиот албански Национален театар, кој владата сака да целосно да го сруши.

Во март минатата година, албанскиот премиер Еди Рама ги најави плановите за иградба на нов Национален театар, и оттогаш, несогласувањата околу ова место станаа еден вид на рефлексија и на другите проблеми со кои се соочува неговата влада. Првично, Албанија се соочи со студентски протести на крајот на минатата година, кои траеа сè до февруари, а кратко по протестите започна бојкотот на Парламентот од страна на опозицијата.

Националниот театар на Албанија привично бил изграден во 1938 година од италијанските сили, кои набрзо подоцна ќе ја окупираат земјата, како повеќенаменски објект кој вклучува кино сали, но е и спортски и културолошки комплекс.

– Националниот театар е централно место за собирање на луѓето, отворено јавно место, а владата му се заканува на овој простор – рече Будина, кој е еден од гласноговорниците на Алијансата за Националниот театар, граѓанска организација која се бори за зачувување на статусот на објектот.

Објектот се простира на повеќе од 7.500 квадратни метри јавен простор во центарот на Тирана, опкружен од владини згради. Според ТРТ, властите со рушењето на Националниот театар гледаат можност за изградба нов, комерцијален објект. Поточно, стариот театар би бил заменет со нов кој би се простирал на само 3.000 квадратни метри, додека остатокот од земјиштето би бил доделен на приватни фирми за да изградат шест висококатници со различна висина, во кои ќе има станбени и деловни простории.

– Овие потези на владата се неуставни. И доколку се случи кражба на земјиштето, којзнае што е следно – констатираше Будина за турската телевизија.

Алијансата за Националниот театар од февруари минатата година протестира секојдневно. На нивните протести им се прикучија и други антивладини движења предводени од опозициската Демократска партија.