БиХ сѐ поизложена на трговија со луѓе

64

Состојбата со трговијата со луѓе во Босна и Херцеговина е полоша од онаа што била во претходните години, пишува во најновиот извештај на Стејт департмент за спречување на шверцот со луѓе во светот.
На листата на ТИЕР 2 се наоѓаат Авганистан, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Хрватска и Албанија. Босна и Херцеговина се најде во оваа група земји затоа што нема формирано центар за згрижување на жртвите од трговија на луѓе.
Според Стејт департментот, Владата на Босна и Херцеговина не ги исполнува ни минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе. Но се прават значајни напори да се подобри тоа.

Во овој извештај се наведува дека во БиХ пред извесно време е донесена првата пресуда против криминалците што шверцувале луѓе, а била исплатена и првата отштета.
Босна и Херцеговина во 2011 година била меѓу земјите со оценка 1, како што се Белгија, Австралија и Франција. Сега БиХ падна на оценка 3.
Од Стејт департментот предупредуваат дека властите во БиХ не работат на решавање на проблемот со просјачењето од лица припадници на ромската заедница, како и на спречување на малолетните бракови. Судовите покажале многу лоши резултати во борбата против трговијата со луѓе, а се водат само четири случаи во последните три години. Постапките траат многу долго и се неефикасни, а резултатите се незадоволителни. Само четири лица биле обвинети за трговија со луѓе, а од нив се осудени двајца. За другите двајца нема никакви податоци, што отвора сомнежи во работата на судовите.

– Годинава нема ниту еден регистриран случај за ова кривично дело. Но корупцијата кај високите функционери што се вмешани во трговијата со луѓе и натаму е извор на голема загриженост – се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Во СИПА има само 12 специјализирани полицајци за борба против шверцот со луѓе и за помош на жртвите. Неколку случаи пропаднале пред судовите поради неспособноста на институциите во БиХ.
Во изминатите пет години Босна и Херцеговина претставува извор и дестинација за трговија со луѓе, жени и деца што се често жртви на сексуална експлоатација. Исто така, се посочува на раширена проституција внатре во земјата, а жените од Бих се принудени на проституција и во Австрија, Германија, Хрватска и во Франција. Децата најчесто се жртви на присилно просјачење. Владата на БиХ се посочува како „виновник“ што го запоставува решавањето на случаите со трговија со луѓе.