БиХ се противи на изградбата на мост до Пељешац

594

Претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, лично ќе се обрати до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ Хрватска да не го гради мостот за Пељешац додека не се реши отвореното гранично прашање меѓу двете земји, а истото тоа ќе го побара и од Европската комисија.
Во изјавата за медиумите во БиХ, Звиздиќ изразува зачуденост од тоа што Хрватска одлучила да ги игнорира отворените прашања.

– Ова претставува некоректен и недобрососедски потег, што е спротивно на меѓународните стандарди за аргументите и интересите на државата БиХ. Ниедно тело или орган на власта во БиХ никогаш не дало согласност за изградба на овој мост, а утврдувањето на меѓудржавните граници на копно и море е и останува важен предуслов за реализација на ваков проект – се вели во изјавата на Звиздиќ.
Тој уште еднаш ја повика другата страна за организирање состанок заради дефинирање, верифицирање и прифаќање на меѓународниот пловен пат, односно коридорот што физички ќе го спојува босанскохерцеговското море, над кое БиХ има полн суверенитет со отворено море, во согласност со конвенцијата на ОН за користење на морето.

Претседателот на „Хрватски патишта“ и кинескиот конзорциум „Чајна роуд и бриџ корпорејшн“ во понеделникот потпишаа договор за изградба на мост до Пељешац со пристапни патишта, вреден 2,08 милијарди куни, без пресметан ДДВ. Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, за потпишувањето на договорот рече дека со овој мост Хрватска станува единствена територија, објави Хина.