БиХ под (ин)директно влијание на трговската војна

225

Доколку трговската војна во врска со челикот и со алуминиумот меѓу САД и другите земји од светот продолжи, последиците од неа би можеле да се почувствуваат и врз економијата на Босна и Херцеговина. Економските експерти се согласни дека новонастанатата состојба на светскиот пазар, која е предизвикана од високите царини, не им оди во прилог на малите земји како што е БиХ.
Во надворешнотрговската комора на БиХ очекуваат директни и индиректни последици затоа што од повластената листа на производи со потекло од оваа земја, кои се ослободени од плаќање царини, поради новата одлука на американската администрација се изземени челикот и алуминиумот, пишува „Независне новине“.
– Директното влијание е негативно и тоа ќе се одрази на извозот во САД. Извозот на челик и на алуминиум од БиХ во САД лани изнесуваше 4,7 милиони конвертибилни марки. Многу производи од компаниите од БиХ не можеа да го добијат „потеклото од БиХ“ затоа што поголемиот дел од репроматеријалите (челичните лимови) се увезуваат од ЕУ или од азиските земји, така што може да очекуваме негативен тренд во извозот во САД – велат од трговската комора.
Индиректното влијание го гледаат преку автомобилската индустрија на Европската Унија, во која фирмите од БиХ учествуваат како доставувачи на важни компоненти од челик и од алуминиум со годишен извоз од 350 милиони КМ. Поради тоа, доколку останат царините во износ од 25 отсто на челик и десет отсто на алуминиум можно е да се очекува пад на производството во европската автомобилска индустрија.
Мирко Шаровиќ, министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ вели дека се загрозени принципите на слободна трговија и правилата на Светската трговска организација. Од компанијата „Алуминиум“ од Мостар, не очекуваат директни последици затоа што нивниот извоз е насочен кон европските земји и земјите од регионов.
Од друга страна, во „Арчелормитал“ велат дека состојбата е сложена и континуирано го следат влијанието врз нивното производство.
– Потребно е да се создаде одржлива глобална индустрија на челик, а најдобар начин е производителите на челик од целиот свет да соработуваат на решавање на прекумерниот капацитет на пазарот на челик – порачуваат од оваа компанија.