БиХ под закана од тероризам и од исламофобија

97

Се проценува дека од 2012 до 2017 година околу 240 државјани на БиХ ѝ се приклучиле на Исламската држава

Апсењето на Адис А. во Германија го сврте вниманието кон проблемите со исламизмот во Босна и Херцеговина, а аналитичарите од Сараево стравуваат дека тоа би можело да биде нов повод за исламофобија. Во БиХ изостанаа официјалните реакции на апсењето на Адис од Зеница, кој се поврзува со терористичките напади во Париз во 2015 година. Тој, според неофицијалните информации, се поврзува со нападот во концертната сала „Батаклан“ и беше уапсен од германската полиција кај Лајпциг, пишува во текстот на „Дојче веле“.

Во Босна и Херцеговина Адис А. беше под истрага за организиран криминал и неовластена трговија со оружје и воена опрема. Се сомничи и за формирање група за шверцување оружје и негова продажба на илегалниот европски пазар. Обвинението против него во 2019 година беше потврдено од Судот во БиХ
Професорот на Факултетот за криминалистика и за безбедносни студии, Армин Кржалиќ, вели дека овој случај може да се искористи БиХ да се претстави како безбедносна закана за регионот. Апсењето треба да се гледа како успех во размената на информации меѓу службите за безбедност меѓу повеќе земји што доведе до откривање на осомничен за кривично дело, додава професорот Кржалиќ.
По терористичкиот напад во Париз во 2015 г., француската полиција преку Интерпол побара поддршка од безбедносните агенции во БиХ. Надлежните француски служби активно се вклучија преку глобалната коалиција во борбата против тероризмот, а особено внимание им беше посветено на повратниците од воените подрачја во Сирија и во Ирак.

Се проценува дека од 2012 до 2017 година околу 240 државјани на БиХ (180 мажи и 60 жени) заминале на блискоисточните воени региони за да им се приклучат на Исламската држава и на други екстремистички групи. По поразот на терористичката организација, многумина од нив се вратија во БиХ. Експертите тврдат дека околу 50 борци од Сирија и од Ирак се вратени во земјата. Досега околу дваесетина судски процеси се завршени, а осудените екстремисти се наоѓаат на издржување на затворската казна.

Професорот на сараевскиот Факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии Јасмин Ахиќ, вели дека БиХ во однос на другите европски држави не претставува ни поголем ни помал безбедносен ризик. Тој смета дека лажната слика за БиХ како погодна почва за тероризам се заснова на исламофобијата.

– Одредени центри на политичка моќ во регионот со дејствувањето кон БиХ се обидуваат да придобијат гласови од радикалната десница. Така, со измислување противник се прави основната грешка во борбата против тероризмот. БиХ е меѓу најдобро оценетите партнери во глобалната антитерористичка коалиција. Пофалбите од големите безбедносни играчи предизвикаа нервози кај радикалните и сецесионистички кругови во БиХ – вели Ахиќ за „Дојче веле“.

Во БиХ неколку години немало инциденти што можат да се окарактеризираат како терористички напади, но имало вербални закани кон припадници на исламската заедница и граѓани, кои го „напуштиле исламот“. Едно од лицата што искажуваше отворени закани беше уапсено на границата меѓу Сирија и Ирак, како припадник на Исламската држава. Последните потешки случаи што се поврзуваат со тероризам се убиствата на двајца војници од вооружените сили на БиХ во Рајловац во 2015 година и нападот на полициската станица во Зворник кога вооружени екстремисти убија двајца полицајци. За прв терористички напад во повоена БиХ се смета нападот во 1997 година во Мостар, каде што беше активирана автомобил-бомба. Во овој инцидент беа повредени 29 лица, а напаѓачите се поврзуваа со Ал каеда.