Бихаќ под мигрантска опсада

118
Нехумани услови во привремениот камп Вучјак

Шухрет Фазлиќ, градоначалник на Бихаќ, нагласува дека неговиот кантон повеќе не сака и не може да ја сноси одговорноста за мигрантската криза во земјата

Поради ескалација на мигрантската криза во Босна и Херцеговина, за вчера беше најавена посета на висока делегација на Европската комисија од Брисел, која треба да се состане со претставници на унско-санскиот кантон на чија територија престојуваат 5.200 мигранти. Состојбата со згрижување на мигрантите во БиХ се влошува поради неповолните временски услови, но и поради ограничените можности на локалните власти да се справат со последиците од зголемениот мигрантски бран. Особено е критично во кампот Вучјак кај Бихаќ, чија администрација повеќе од две години самата се справува со сместување на мигрантите.
Овој камп останува да функционира како привремен мигрантски центар, но новата локација на Липа нема да се актуализира додека не се отворат нови прифатни центри на други локации во БиХ.

– Ставот на оперативната група е да одиме со целосна блокада на камповите Бира и Мирал, а Вучјак останува центар за сите мигранти што во иднина ќе дојдат до подрачјето на УСК. Ова значи дека мигрантите не ќе можат да излегуваат во град, освен оние што се заинтересирани за напуштање на овие објекти и кои сакаат да го продолжат патот кон Европа – вели Нермин Кљајиќ, министер за внатрешни работи на УСК.
Европската Унија во овој момент има 100 илјади слободни места за азилантите, но одговорноста за префрлање на мигрантите се префрла од едни на други, а за тоа време мигрантската криза се става на товар на унско-санскиот кантон, а особено на Бихаќ, пишува „Аваз“.
Шухрет Фазлиќ, градоначалник на Бихаќ, нагласува дека неговиот кантон повеќе не сака и не може да ја сноси одговорноста за мигрантската криза во земјата. Најмногу на удар се месните заедници во градот, каде што се сместени мигрантите, а често има нарушување на јавниот ред и мир, случаи на кривични дела и обиди за убиства. Граѓаните бараат да се иселат мигрантите во други делови на градот или во другите кантони.

Авганистанецот Молини трипати се обидувал да замине од Бихаќ, но не успеал да ја помине европската граница. Последниот пат бил уапсен на територијата на Словенија и повторно е вратен во БиХ.
Условите за сместување во кампот Вучјак не се достојни за живот на луѓето. Деновите ги поминуваат опкружени со висока шума, без затоплување и други услови за одржување на хигиената.

– Овде сум еден месец. Паѓа дожд и многу е ладно. Шаторите се поплавени од вода. Добиваме само едно ќебе, кое е недоволно да нѐ стопли. Палиме оган во внатрешноста на шаторот, но тоа ни создава проблеми – вели Асфан од Пакистан.
Министерството за безбедност на БиХ сѐ уште не понудило конкретен одговор како да им се помогне на градските и на властите во кантоните за сместување на мигрантите. На територијата на БиХ се евидентирани 43.000 бегалци.